X
 16.11.2020 Образование

Платформи на кои може да создавате и да продавате ваши онлајн-курсеви

Се менува начинот на кој учиме. Во текот на годинава пандемијата принуди многумина да се запознаат со онлајн-учењето. Ова отвора многу можности за оние што сакаат да го споделуваат своето знаење.

Системите за онлајн-учење порано беа резервирани за големите корпорации и универзитети, но повеќе не е така. Сè повеќе професионалци сами создаваат онлајн-курсеви, па затоа се појавуваат и нови платформи кои го овозможуваат ова.

„Тинкифик“ (Thinkific)

Не треба да знаете да кодирате за да создадете онлајн-курс на оваа платформа. Самата платформа ви помага да создадете курс и да добиете веб-страница за вашиот бренд. Платформата бесплатно ќе ги чува видеата од курсот, а во рамките на курсот може да искористите и текст, тестови, анкети, дискусии и друго. Можно е и создавање курс на група инструктори.

За почеток, може да го погледнете бесплатниот вебинар за создавање онлајн-курс што може да го најдете овде. Користењето на платформата е бесплатно првиот месец.

„Лрн ворлдс“ (Learn worlds)

Оваа платформа овозможува лесно создавање онлајн-курс и веб-страница за промоција на онлајн-курсот. Онлајн-курсевите се интерактивни и вклучуваат тестови, книги и интерактивни видеа. Користењето на платформата чини 24 долари месечно.


Фото: Pixabay

„Подиа“ (Podia)

Мотото на „Подиа“ гласи: „Претворете ја вашата страст во приход“. Платформата им нуди секакви алатки за промоција на онлајн-курсеви, вебинари и други производи на своите корисници. Секоја опција за користење вклучува сопствена веб-страница, бесконечен број онлајн-курсеви и вебинари во живо.

За оние професионалци што сакаат да одржат онлајн-курс на јазик покрај англискиот, тоа може да го сторат на еден од вкупно 11 јазици понудени од платформата. „Подиа“ нуди 14-дневен пробен период.

„Лрндаш“ (Learndash)

Станува збор за додаток на „Вордпрес“ со кој се овозможува трансформирање на нова или веќе постојна веб-страница во систем за создавање онлајн-курс. Додатокот поддржува лекции, тестови и динамични форуми, како и алатки за продажба на курсевите.

„Лрнпрес“ (Learnpress)

Ова е уште еден додаток на „Вордпрес“ со кој може да почнете со создавање онлајн-курс. Со додатокот може да продавате индивидуални предавања или да нудите опции за членство или пакет курсеви. Бесплатната верзија од овој додаток нуди голем дел од опциите за продавање онлајн-курс.

Автор: Џесика Стјуарт
Извор: mymodernet.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование