X
 31.07.2023 Живот

Каде сѐ се војува низ светот?

Војната во Украина влезе во 18. месец, а нејзината медиумска експонираност ги засени сите други војни и вооружени судири кои се одвиваа или сѐ уште се одвиваат низ светот. Според податоците на „Статиста“, моментално во светот се водат повеќе воени судири.

Тука спаѓаат незавршените граѓански војни со поголем или помал интензитет (Авганистан, Јемен, Сирија, Либија, Ирак, Мјанмар, Етиопија, Сомалија), војните поради исламистичките бунтови во Африка (Алжир, Мали, Буркина Фасо, ДР Конго, Централноафриканската Република, Камерун, Чад, Нигерија, Мозамбик, Танзанија, Тунис) и војните против дрогата во Латинска Америка (Мексико, Колумбија).

А имаме и нови војни: на 15 април започнаа борби во Судан меѓу армијата и паравоените сили на РСФ, главно во главниот град Картум и во западниот регион Дарфур. Според владините податоци, досега се убиени околу 1.200 луѓе (се верува дека вистинската бројка е многу поголема), а повеќе од три милиони луѓе се раселени, од кои над 700.000 избегале во соседните земји.

Како што можеме да видиме, се војува низ целиот свет, на неколку континенти. Некои од овие војни се уште побрутални и со многу повеќе цивилни жртви од украинската војна.

Списокот го почнуваме од Јемен

Граѓанската војна во Јемен започна во 2014 година кога шиитските бунтовници Хути го зазедоа главниот град Сана и ја протераа сунитската влада. Саудиска Арабија е вклучена во војната од 2015 година и тоа на страната на владата, со разузнавачка и логистичка поддршка од САД (на Хутите логистички им помогна Иран), а резултатот од саудиската агресија беше регистриран во извештајот на ОН од крајот од 2021 година: 377.000 мртви.

Од нив, 150.000 загинале во директни воени дејствија, додека 227.000 загинале поради недостиг на пивка вода, глад и болести кои можеле да се спречат или излекуваат ако здравствената мрежа во Јемен не беше целосно уништена од саудиските воздушни напади.

Умирање од глад

Најтрагичниот дел од војната во Јемен е огромната смртност на деца. Во споменатиот извештај, ОН проценуваат дека од 377.000 загинати Јеменци дури 70 отсто се деца помали од пет години, односно околу 260.000 од жртвите се деца. Според процената на одредени организации од 2018 година, во претходните три години во Јемен 85.000 деца умреле од глад. Тој тренд продолжува и подоцна.

Според податоците, лани во Јемен биле убиени околу 5.500 луѓе, а Црвениот крст лани извести дека две третини од Јеменците немаат пристап до основна здравствена заштита и дека таа здравствена катастрофа најмногу ја чувствуваат жените и новороденчињата бидејќи медицинските работници присуствуваат на помалку од 50 проценти од породувањата. Како резултат на тоа, се нагласува во извештајот, во Јемен на секои два часа умираат една мајка и 6 новороденчиња.

Голем дел од јеменските цивили настрадаа во воздушните напади на саудиската војска, кои со уништувањето на инфраструктурата создадоа и хуманитарна катастрофа, која, пак, доведе до умирање на децата.

Клучен настан кој веројатно ќе ја запре војната во Јемен се случи на 10 март во Пекинг, каде што дојде до историски договор за нормализација на односите меѓу Саудиска Арабија и Иран. Со смирување на непријателството меѓу двете сили на Блискиот Исток се губат причините за продолжување на војната во Јемен, која според хуманитарните последици е најлошата во овој милениум.



Од Мјанмар до Етиопија

Според податоците, лани во светот се воделе 6 големи воени судири со илјадници жртви на годишно ниво. Покрај Украина и Јемен, тука се и Мјанмар, каде што лани биле убиени 16.000 лица; Етиопија со 4.800 жртви, Мексико со 5.400 и Авганистан со 2.700.

Судејќи по бројките, најлошо било во Мјанмар, каде што судирите меѓу етничките фракции траат уште од стекнувањето независност во 1948 година, поради што овој судир се нарекува и најдолга граѓанска војна на светот, а тие се засилија по воениот удар во 2021 година. Тогаш беа убиени околу 11.000 лица.

Граѓанската војна во Етиопија од септември 2020 година зеде илјадници животи, а во неа со владините сили се судираат бунтовниците од северниот регион Тиграј, против кои трупи испрати и соседна Еритреја. Некои процени посочуваат на драстично повисок број жртви од оние 4.800, особено откако минатата година владините сили презедоа голема офанзива во Тиграј.

Така, норвешкиот професор и експерт Кјетил Тронвол лани во октомври објави дека етиописката влада во офанзивата ангажирала до милион војници и дека бројот на загинати е застрашувачки.

- Веројатно дури 100 илјади лица се убиени последниве недели - објави тој, заклучувајќи дека најголемиот вооружен судир не е во Украина, туку во Етиопија.

Еден месец подоцна во Јужноафриканската Република беше потпишан мировен договор, кој засега ја запре војната, но за многумина тој мир е кревок.

Во Мексико има војна од друг вид - таму државата војува против моќните и насилни наркокартели кои контролираат одредени делови од земјата. Се проценува дека од 2006 до мај 2021 година војната против дрогата зела најмалку 350.000 жртви, со повеќе од 72.000 исчезнати, а само лани се убиени 5.400 лица.



Неизвесно во Сирија

Двојно помалку жртви (2.700) лани биле регистрирани во Авганистан, каде што долгогодишната американска војна против талибанците заврши во 2021 година, но војна со помал интензитет продолжи меѓу талибанците и другите исламистички фракции.

Во Сирија моментално има воено затишје со повремени вооружени судири меѓу сириската војска и џихадистичките групи во северната покраина Идлиб, која е под контрола на Турција. Остатокот од земјата главно е под контрола на владата во Дамаск, на која ѝ помагаат Русија и Иран, освен нафтените полиња на исток, кои со години ги контролира американската војска.

Иако насилството во Сирија е смирено, иднината е нејасна и неизвесна. Освен можноста војската да започне офанзива за целосно ослободување на земјата, постои и опасност таму да се судрат руските и американските сили. На таа опасност посочуваат сѐ почестите „блиски средби“ на руските авиони и американските дронови на сириското небо.

Недовршени граѓански војни тлеат и во Либија, Ирак и Сомалија, а џихадистичките групи поврзани со Ал каеда и ИД се закануваат со воени насилства во повеќе африкански земји. И на Кавказ е нестабилна ситуацијата. Таму примирјето меѓу Ерменија и Азербејџан не изгледа многу цврсто, а ново жариште се претпоставува дека може да биде и Израел, каде што радикално десничарската влада толку ги збуни аналитичарите што сега не знаат дали прво ќе избијат судири меѓу Евреите и Палестинците или граѓанска војна меѓу конзервативните и секуларните Евреи.

Главно, Украина не е сама.

Извор: Slobodna Dalmacija
Фото: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот