Долгоочекуваното продолжение на „Дина“ моментално е најголем хит во филмскиот свет, а по одржаната светска премиера на „Дина: Втор дел“, обожавателите не престануваат да зборуваат за тоа.
Но, еден обожавател го гледал филмот пред сите други, а причината за тоа е навистина тажна. Имено, шест недели пред официјалната премиера филмот тајно бил прикажан во одделот за палијативна нега во болница во Квебек.
Последна желба
Како последна желба, еден пациент сакал да го гледа новото филмско продолжение, па болницата го контактирала режисерот Денис Виланев. Режисерот и неговата сопруга првично сакале да го угостат обожавателот во нивниот дом, но тој бил преслаб за да патува, а кога станало јасно дека му се ближи крајот, помошникот на режисерот со својот лаптоп одлетал во Квебек за да му ја исполни последната желба.
Сите вклучени морале да потпишат договор за доверливост. Оние што присуствувале на проекцијата на филмот морале да ги остават своите мобилни телефони надвор од просторијата за пациенти каде што се прикажувал филмот, а просторијата била затемнета и изолирана од погледи.
Му останале само уште неколку недели живот
Од здружението „Лавант“, кое ги исполнува последните желби на луѓе што умираат, откриле дека организацијата на целиот проект била тешка:
- Бевме ограничени со време бидејќи на пациентот му останаа само уште неколку недели живот. Сепак, тимот што работеше на „Дина“ беше крајно трогнат од оваа желба и ни кажа дека снимаат филмови токму за вакви луѓе.
Извор: index.hr
Фото: YouTube screenshot