X
 19.09.2024 Наука

Експертите тврдат дека знаат што го предизвикало најголемото истребување на Земјата

Големото изумирање се случило пред 252,28 милиони години и е најголемото познато масовно истребување во историјата на Земјата. Во пермскиот геолошки период исчезнале околу 96 проценти од сите морски видови и околу 70 проценти од копнените 'рбетници, а тогаш се случило и единственото познато масовно изумирање на инсекти.

Бидејќи толку многу биодиверзитет исчезнал, обновувањето на животот на планетата траел значително подолго отколку по другите четири (некои научници тврдат дека се пет) масовни истребувања. Се проценува дека поминале до 10 милиони години пред да закрепне планетата.

Најнаучно објаснување за причината за Големото истребување е вулканска ерупција. Јаглерод диоксидот ослободен од вулканска активност во областа на денешна Северна Русија предизвикал нагло затоплување на планетата, со повисоки температури, кисели дождови и закиселување на океаните. Но, една нова студија тврди дека имало нешто друго. Имено, мегаефектот „Ел Нињо“ - сличен, но поинтензивен и подолготрајен во тоа време отколку денес - можеби одиграл еднакво важна улога, според новото истражување објавено во списанието „Наука“.

- Ова значи дека климатските промени го поттикнале масовното исчезнување на видовите - вели Пол Вињал, професор на Универзитетот во Лидс, Обединето Кралство.

Истражувачкиот тим изградил компјутерски модел на глобалната клима за крајот на пермскиот период. Компјутерот покажал дека како што се зголемувале глобалните температури, ефектот „Ел Нињо“, кој потекнува од Тихиот Океан, но влијае врз времето низ светот, станал посилен и подолг, по големина и должина.

„Ел Нињо“ резултирал со периоди на поплави кои биле проследени со периоди на суши кои, пак, предизвикале шумски пожари. Овој процес траел 100.000 години и постепено го уништил целиот живот на Земјата.

Денешниот „Ел Нињо“, кој е природен феномен, првично именуван по топлата океанска струја што го обиколува брегот на Перу околу Божиќ, обично трае меѓу девет и 18 месеци и се јавува на секои две до седум години.

Алекс Фарнсворт, виш научен соработник на Британскиот универзитет во Бристол, забележува дека вулканската активност е главната причина за изумирањето, но дека само таа не е доволна за да се објасни степенот на биолошката катастрофа што се случила. Планетата претходно доживеала слични епизоди, но тие не предизвикале масовно истребување.

Времето и силата на „Ел Нињо“, исто така, објаснуваат зошто изумирањето започнало на копно пред да се случи во океанот, се вели во студијата: додека океаните првично биле заштитени од зголемени температури, мега „Ел Нињо“ предизвикал екстремно брзо зголемување на температурите на копното. Само оние што успеале брзо да мигрираат можеле да преживеат.

Клучна причина зошто истребувањето било толку сериозно било тоа што „ Ел Нињо“ создал неверојатно топли услови во тропските предели, кои брзо се прошириле на повисоките географски широчини, што резултирало со губење на најголемиот дел од вегетацијата. Закрепнувањето било тешко и долго.

Некои истражувачи денес мислат дека сме во средината на шестото масовно истребување и дека истребувањето на крајот на пермскиот период може да послужи како лекција за актуелната климатска криза. Денешните настани на „Ел Нињо“ се познати по тоа што предизвикуваат умирање на коралите и масовна смртност на рибите, се вели во студијата, но еколошкото влијание на настаните на „Ел Нињо“ во сè потоплата клима е непознато.

Сепак, светот бил географски различно место пред 252 милиони години - со многу поголем океан, што можеби го направило поранлив на јаглерод диоксид исфрлен од супервулкани.

- Крајот на геолошкиот пермски период е најголемата криза во историјата на Земјата, но мислам дека никогаш повеќе нема да се приближиме до такви услови бидејќи тогаш Земјата беше навистина чудна и лесно ранлива планета - заклучил британскиот научник.

Извор: jutarnji.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука