X
 07.04.2021 Живот

Речиси сите жители на Гибралтар се вакцинирани, сѐ се враќа во нормала

Тешко дека со 34.000 жители Гибралтар е пример за другите, но е првото место во Европа каде што благодарение на вакцинацијата, епидемијата е во голема мера надмината. Рестораните се отворени до доцна во ноќта и нема ковид-позитивни.

Бидејќи маските повеќе не се задолжителни на отворено, Саманта Сакраменто постојано има чувство дека нешто заборавила кога шета по улиците.

- Мислам дека сè уште треба да закрепнеме психолошки - вели министерката за здравје на оваа мала британска област сместена на најјужната точка на Пиринејскиот Полуостров.

Укинати се забраните за излегување, баровите и рестораните се отворени до два часот по полноќ, како и пред пандемијата. Шпанските телевизии го посетуваат Гибралтар и разговараат со луѓето, кои велат дека чувствуваат олеснување.

- Можеби наскоро ќе можеме да живееме како претходно - вели една келнерка.

Целосна спротивност на остатокот од Европа, каде што мерките се заоструваат поради зголемениот број на инфекции.

Gibraltar
Фото: Freepik

Од друга страна, Гибралтар го имаше врвот на пандемијата на почетокот од јануари со 172 нови инфекции дневно. Во оваа мала британска прекуокеанска област 94 лица ја изгубиле битката со Ковид-19.

Вакцинираат и Шпанци


Во последните неколку денови ковид-одделението е празно во локалната болница „Свети Бернард“. Нема позитивни.

Причината за тоа не се само острите мерки што беа воведени претходно, туку и вакцинацијата на речиси цело население. Освен жителите, вакцинирани се и повеќе од 10.000 луѓе што живеат во Шпанија, но работат во оваа област.

Вакцинирање на едно место

За многу кратко време беа вакцинирани речиси сите, а 3 отсто од населението одбиваа да се вакцинираат. Во оваа област веќе функционира еден вид ковид-пасош, односно лични карти со кои луѓето потврдуваат дека примиле вакцина.

Сепак, не е сè како порано. Администрацијата на Гибралтар е внимателна, па маски треба да се ставаат кога се влегува во продавница. Неодамна се одржа бокс-меч со 500 гледачи, кој беше дозволен само за оние што примиле две дози од вакцината. А и беа тестирани со брзи тестови.

Извор: Deutsche Welle
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот