Сега, најважно е да се обрне внимание на она што внесуваме во организмот, особено лицата кои се во најголема опасност од новиот вирус
- Сѐ уште не постојат уверливи докази дека одредена храна или начин на исхрана можат да влијаат на имунолошкиот систем и со тоа да се користат како превентива од заразата или да помогнат во лекувањето на лице заразено со коронавирус. Сепак, правилната исхрана не само што му овозможува на организмот имунитет за болести, вклучително и Ковид-19, туку е и примарна гаранција за промовирање на закрепнувањето од болести – вели нутриционистката Тања Тефова.
Фото: Pixabay
Таа објаснува дека сега, најважно е да се обрне внимание на она што внесуваме во организмот, особено лицата кои се во најголема опасност од новиот вирус. Врз основа на достапните клинички истражувања, евидентирано е дека и покрај тоа што може да се заразат луѓе од сите возрасни групи, потхранетите стари лица, лицата со намален имунитет и пациентите со хронични заболувања имаат полоша прогноза и имаат повисоки стапки на смртност.
- Овој феномен ја истакнува важноста на хранливиот статус и релевантноста на нутриционистичката терапија што треба да се смета како третман од прва линија и да се примени во секојдневниот живот – вели Тефова.
Одржување на правилна исхрана за време на пандемијата Ковид-19
Високата стапка на потрошувачка на исхрана богата со заситени масти, шеќери и рафинирани јаглехидрати ширум светот, придонесува за
застапеност на дебелината и дијабетес тип 2.
- Ова може да ги постави овие популации под зголемен ризик за сериозна Ковид-19 патологија. Таквата исхрана го нарушува прилагодливиот имунитет, што доведува нарушена одбрана на домаќинот од вируси. Затоа, сега повеќе од кога било, поширокиот пристап до здрава храна треба да ни биде врвен приоритет и треба да бидеме внимателни во поглед на здравите навики во исхраната – вели нутриционистката.
Висок ризик-фактор кој доведува до тешки исходи на болеста е и угоеноста. Тефова објаснува дека прекумерната телесна маса може да доведе до пулмонална микроекологија при што вирусната патогенеза и оштетувањето на имуните клетки би можеле да придонесат за отпочнување на циклус на локално воспаление и секундарна повреда на белите дробови. Друг проблем за луѓето со прекумерна маса за време на тековната пандемија, може да претставува недостатокот на витамин Д, додава таа.
Најважно е да знаеме како да ја избереме вистинската комбинација на храна - вели Тефова
- Додека не се појават понатамошни откритија, треба да запомниме дека модифицираните фактори на живот, како што се исхраната и физичката активност, не треба да бидат маргинализирани. Децении на емпириски докази ги поддржуваат e како клучни фактори за промовирање на здравјето. Правилната исхрана е многу важна пред, и за време на инфекцијата. При инфекции, особено оние кои резултираат со појава на треска, на организмот му треба дополнителна енергија и хранливи материи. Сè уште е можно да се купи и консумира здрава храна во овие тешки времиња, а највжано е да знаеме како да ја избереме вистинската комбинација на храна за да постигнеме правилна исхрана без оглед каде живееме.
Препораки за добар имунитет
Тефова има неколку препораки кои може да му помогнат на организмот. Најважно од сѐ е консумирање разновидна храна од сите групи, за да обезбедите соодветно внесување на важни хранливи материи.
- Консумирање на доволна количина овошје и зеленчук. Тие обезбедуваат многу витамини и минерали, како и растителни влакна кои ни се потребни за правилно функционирање на организмот. Ова е најлесниот начин за задоволување на потребата за многу заштитни материи, кои се присутни во разно овошје и зеленчук и го поддржуваат функционирањето на имунолошкиот систем. Консумирање на што повеќе свеж, сезонски и локално одгледен зеленчук и овошје кои имаат поголема содржина одредени хранливи материи, особено витамини (Ц, А, Б6, Б12, фолат), минерали (железо, цинк, бакар, селен) – вели таа.
Потребно е исто така во исхраната да се вметнат интегрални житарки, јаткасти плодови, маслиново масло, сусам, маснотии од кикирики богати со незаситени масни киселини. Ваквата исхрана може да го поддржи вашиот имунолошки систем и да помогне да се намали воспалението.
- Важни се и Омега 3 масни киселини (риба, ореви, ленено семе, маслиново масло) и адекватен внес на протеини, како и пробиотици. Тие се природно присутни во ферментираната храна како ферментирани млечни производи (кефир), закиселен зеленчук и сл. Пробиотицие му помагаат на организмот да се заштити од бактерии и вируси – објаснува нутриционистката.
Многу важна улога играат и антиоксидансите, особено во заштитата на клетките на белите дробови од вируси и бактерии. Таа објаснува дека вирусната инфекција доведува до зголемување на интрапулмоналниот оксидативен товар. Во многу заболувања, рамнотежата помеѓу оксидантите и антиоксидантите (биланс на редокс) се пореметува, со сериозни последици. Во ова сценарио, антиоксидансите во исхраната може да играат важн улога против оксидативниот стрес на белите дробови. Неколку студии ја потенцираат заштитната улога на антиоксидантите во инфекција на белите дробови и воспаление на белите дробови.
- Особено, витамин Ц, полифенолите и флавоноидите можат да играат заштитна улога во инфекции на белите дробови како имунолошки модулатори и воспалителни медијатори. Затоа, како што е прикажано во Табела 1, дополнувањето со витамин Ц, флавоноиди и полифеноли може да се применува како превентива за спречување на вирусна инфекција како и закрепнување на пациентите по заразата.
Tабела 1
Во периодов, особено се зборува за начинот на кој треба да ја чистиме храната. Тефова вели дека нема докази дека болеста може да се шири преку контакт со купената храна. Но, потенцира дека секогаш е добро да се запамети како можеме да ја поддржиме безбедноста на храната со помош на петте правила:
- Чувајте ги намирниците чисти, одвојте ги суровините од зготвената храна, гответе темелно, чувајте ја храната на безбедни температури и секако користете безбедна вода и суровини – вели таа.