X
 07.04.2021 Живот

Во овие земји се зборуваат најмногу јазици

Низ светот се зборуваат илјадници јазици, но само мал дел се користат на големи региони. Над половина од светското население зборува вкупно 23 јазици. Сепак, има делови од Земјата на кои се зборуваат повеќе различни јазици на помал регион.

Светскиот економски форум објави листа со 10 земји во кои се зборуваат најмногу јазици. Во Папуа Нова Гвинеја, која има 8,8 милиони жители, се зборуваат дури 840 јазици. Тоа се речиси 12% од сите јазици во светот.

На второто место се наоѓа Индонезија со 711 јазици, а следуваат Нигерија со 517 јазици и Индија со 456 јазици.


Фото: Племе во Папуа Нова Гвинеја/Pixabay

10 земји во кои се зборуваат најмногу јазици

1. Папуа Нова Гвинеја (8,8 милиони жители) - 840 јазици
2. Индонезија (270,6 милиони жители) - 711 јазици
3. Нигерија (201 милион жители) - 517 јазици
4. Индија (1,37 милијарда жители) - 456 јазици
5. САД (328,2 милиони жители) - 328 јазици
6. Австралија (25,4 милиони жители) - 312 јазици
7. Кина (1,4 милијарда жители) - 309 јазици
8. Мексико (127,6 милиони жители) - 292 јазици
9. Камерун (25,9 милиони жители) - 274 јазици
10. Бразил (211 милиони жители) - 221 јазик

Веројатно, изолираноста од модерниот живот придонесува за зачувување на јазиците. Над 80% од населението во Папуа Нова Гвинеја живеат во рурални предели и имаат минимален контакт со надворешни влијанија и други племиња. Слично, Индонезија има околу 17.500 острови, иако над 7.000 од нив не се населени.

Поголемиот дел од светските јазици се зборуваат и денес, но за околу 40% од нив постои ризик од изумирање. Дури и во деловите од светот во кои се зборуваат многу јазици, со секоја нова генерација изумираат стари јазици.

Автор: Кармен Анг
Извор: weforum.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот