X
 07.04.2022 Живот

Британска добротворна организација бара тим што ќе ја води поштата на Антарктикот

Британска добротворна организација бара луѓе што ќе поминат пет месеци на Антарктикот за да ја водат најоддалечената пошта во светот.

Тимот ќе ја одржува базата во Порт Локрој и ќе биде одговорен за броење на пингвините, иако ќе биде без проточна вода. Од британскиот „Антарктик херитеџ траст“ велат дека обично добиваат стотици апликации за овие работни места. Ова ќе биде првпат страницата да се отвори за јавноста по пандемијата.

Добротворната организација, чие седиште е во Кембриџ, е одговорна за зачувување на историски градби и артефакти на Антарктикот.

Успешните кандидати ќе бидат сместени на островот Гудиер на Антарктичкиот Полуостров, а друштво ќе им прави колонија на пингвини Генту.

Порт Локрој била првата постојана британска база основана на Антарктичкиот Полуостров, првично користена од 1944 до 1962 година. Сепак, од 2006 година таа се користи како пошта и музеј.

pingvin
Фото: Twitter

Од кандидатите се бара да имаат добро ниво на физичка подготвеност, свесност за животната средина и познавања околу тоа како да имаат минимално влијание врз животната средина. Нивна задача ќе биде да ја водат продавницата за подароци и поштата, како и да ги бројат пингвините како дел од напорите за заштита на колонијата на пингвини Генту. Исто така, тимот ќе се грижи и за артефактите и за музејот во куќата Брансфилд.

Локацијата немала посетители повеќе од 2 години поради ковид-ограничувањата, иако обично пречекува околу 18.000 луѓе од ноември до март.

Ова значи дека избраните кандидати ќе бидат првите што ќе живеат на локацијата по пандемијата.

Лорен Елиот, еден од поштарите, која живеела и работела во Порт Локрој во 2019 година, вели дека станува збор за најмагичното место на светот.

- Беше прилично возбудливо, а моравме да ги изброиме сите пингвини кога ќе се изведеа. Мора многу да се чисти, па нема време за да ви биде досадно. Станува збор за навистина интересно место - вели таа.

- Со оглед на природата на секојдневните задачи за непречено функционирање на Порт Локрој, бараме кандидати кои имаат низа вештини, како што е искуство во малопродажба, познавање на наследството, конзервацијата и одржувањето на зградите, лидерство и менаџирање - вели менаџерот за операции на „UKHAT“, Лорен Лускомб.

- Освен тоа, важно е кандидатите да ни покажат кои се. Треба да ги запознаеме преку нивната апликација и во текот на процесот на селекција - додава Лорен.

Луѓето што сакаат да аплицираат за ова работно место можат да го направат тоа ТУКА, а крајниот рок е понеделник, 25 април. Успешните ќе имаат еднонеделна обука во Кембриџ, во октомври 2022 година, пред да заминат на Антарктикот подоцна во текот на годината, каде што ќе живеат и работат до март 2023 година.

Извор: BBC
Фото: UKAHT
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот