X
 01.12.2018 Живот

Седумгодишно момче испратило писмо до татка си во рајот, одговорот што го добило ја враќа вербата во човештвото

Седумгодишниот Џејс од Британија и неговата сестра пред четири години го загубиле татка си во сообраќајна несреќа. Иако сѐ уште го чуваат во срцата и спомените, малото момче оваа година решило да му испрати роденденска честитка во рајот.

На пликот Џејс напишал: „Господине поштар, можете ли ова да го доставите во рајот за роденденот на мојот татко? Благодарам“.

Мајката на малото момче, Тери Компланд, била трогната кога Џејс добил одговор од поштата.

-Драг Џејс, додека ја доставувавме твојата пратка, наидовме на некои проблеми. Сакавме да ја искористиме оваа пригода за да ти кажеме дека успешно го доставивме писмото до твојот татко во рајот. Беше тешко бидејќи моравме да ги избегнуваме ѕвездите и другите објекти во галаксијата. Биди сигурен дека ова важно писмо е испорачано. Наш приоритет е безбедно да ја доставуваме поштата на нашите корисници. Знам дека ова писмо ти е важно. Ќе продолжам да правам сѐ што можам за да се осигурам дека безбедно ги доставуваме пратките во рајот - наведува Шон Милиган, службеник во поштата, во одговорот.

Мајката на момчето на „Фејсбук“ ги сподели писмото на својот син и одговорот од поштата и порача дека им е благодарна на вработените во поштата.

-Ја вративте мојата верба во луѓето и хуманоста - напиша таа и се заблагодари.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот