X
 28.10.2017 Култура

Пред 100 години децата се праќале преку пошта, со поштенска марка!


Многу стара фотографија, маж и дете
(Фото: Flickr)


Оваа неверојатна приказна се случила, погодувате, во Америка. Прагматичните и претприемачки Американци никогаш не престанале со изненадувањата, некогаш пријатни, некогаш непријатни, дури и кога се работи за работи што сега се во историјата.

Според наводите на музејот „Смитсонијан“, пред стотина години, поточно во 1913 г., веднаш откако поштенските компании вовеле можност за праќање пратки, со закон било дозволено бебиња да се праќаат преку пошта! Или попрецизно – не било забрането, што на крајот има ист ефект. И некои луѓе ја користеле таквата можност.

Колку и да изгледа налудничаво и неверојатно, барем две родителски двојки дошле до „брилијантна“ идеја своите мали дечиња да ги пратат преку пошта на определено одредиште. Причина? Било поевтино отколку да им платат карта за превоз.

Во тогашниот напис на „Њујорк тајмс“ се објавува и писмо од еден татко кој ја прашува поштенската служба дали можат да пратат и дете преку нивната компанија, и ако можат, како треба да го спакува детето за да се исполнат сите правила и регулации на компанијата. Тие тогаш сè уште не биле утврдени, а биле официјално донесени откако оваа практика била ставена надвор од закон.

Иако управникот на американската пошта сметал дека децата не можат да се категоризираат во групата „пчели и бубачки“, кои биле единствената живи суштества дозволени за испраќање, сепак, испораките се случиле.

Цената на оваа услуга била 53 центи, а поштенските марки биле залепени на нивната облека. Децата патувале со воз до одредената дестинација, со писмата и другите стоки што ги испраќале луѓето.

Во еден случај (за вториот не постојат податоци за конкретните околности), родителите го испратиле бебето на посета кај бабата.

До забрана на ваквата срамна и ужасна појава дошло кога медиумските стории стигнале и до американските конгресмени, кои одлучиле дека ова не смее да се случува.

Испраќањето бебиња преку пошта било законски забрането на 13 јуни 1920 година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура