X
 20.10.2022 Живот

Вработените од Македонска пошта излегоа на протест, бараат септемвриска плата и државата да ги користи нивните услуги

Двете синдикални организации на Македонска пошта денеска повторно одржаа предупредувачки протест за време на паузата. Бараат да им биде исплатена септемвриската плата, да не се доцни во иднина со исплатата на платите, да се подобрат нивните услови за работа и државата да ги користи нивните услуги и да не ангажира приватни пошти, со цел да се зголемат нивните приходи.

Претседателот на едниот Синдикат на Македонска пошта, Боро Велигденов, појасни дека протестот го одржуваат поради доцнењето на платите, кои требало да бидат исплатени најдоцна до 15-ти месецов.

 - Дополнително како вработени се грижиме за нашата егзистенција, за нашите работни места, односно за иднината на нашата компанија, проблем кој со години се провлекува и особеното немањето интерес од Владата да заземе цврст став во надминување на состојбите и на подобрување на работењето на Македонска пошта. Македонска пошта е државна компанија која е од суштинско значење за државата и мора како пошта да постои и да биде главен сервис на граѓаните - потенцира Велигденов.

Тој предупреди дека доколку не се исплатат платите до вторник, сите вработени од Македонска пошта ќе одржат протест пред Влада.

 - Сепак, станува збор за егзистенција на нашите семејства – немаме плата во оваа криза кога енормно се покачуваат цените, не можеме дома да ги исплатиме нашите обврски, да однесеме леб, кредити и ред други работи. Впрочем, не можеме да дојдеме на работа, немаме пари за издржување - истакна претседателот на Синдикатот.

Тој информира дека вчера одржале состанок со Управниот одбор, но оти сè уште немаат добиено официјален одговор.

- Инаку, се изготвувале план и стратегија за надминување на состојбите, штом ќе ги добиеме, ќе биде информирана целата јавност. Ние како синдикат впрочем и тоа бараме, не само гаранција секој месец да добиваме редовно плата, туку и да ни ја приложат стратегијата како ќе излеземе ние од ситуацијата, како секој нареден месец ние ќе имаме работа и ќе се обезбеди плата за сите вработени, бидејќи станува збор за 2.200 вработени, тоа се 2.200 семејства - додаде Велигденов.

Дарко Димовски, претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, информира дека до Владата и до менаџерскиот тим уште во вторник ќе поднесат барање, на владина седница со заклучок, бидејќи станува збор за АД во државна сопственост, да нареди премиерот до сите министри да ги користат услугите на Македонски пошти.

- Не може ние да правиме тендери и да ангажираме приватни т.н. пошти или брзи пошти, а нашата национална пошта, која ја има државата како нејзин сервис, да биде скокната и да не прави приходи од писмата кои се носат во одредени министерства, судски пресуди итн. Значи, решението е државата да си ги користи своите ресурси - АД „Пошта на Македонија“. Тоа е решението. Ние ќе бараме тоа да се процесира бидејќи гледаме секакви заклучоци се носат на Влада, па редно е да се помогне и на ова АД во државна сопственост за да може и понатаму да работи, бидејќи знаеме – ја опслужуваме целата држава Македонија, а создаваме повеќе расходи отколку што добиваме приходи - потенцираше Димовски.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот