X
 07.04.2024 Наука

Колку некој е почесен, толку е полесно да стане жртва на измама и лажни вести, покажува истражување

Интернетот доведе до нови форми на измама и дезинформации, вклучувајќи напади на фишинг, измами базирани на љубовни врски и лажни вести. Додека многу студии ги истражуваат факторите што влијаат врз способноста на луѓето да препознаат кога некој лично ги лаже, онлајн откривањето лаги не е често испитувано.

Истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон и Технолошкиот институт во Масачусетс спроведоа истражување за подобро да разберат зошто луѓето стануваат жртви на интернет-измами.

- Луѓето губат многу пари од онлајн измамите секоја година. Овој тренд се влошува од ковид-пандемијата, а особено е загрижувачки по употребата на вештачката интелигенција. Пред да можеме да им помогнеме на луѓето да ги препознаат овие измами, треба да разбереме зошто луѓето паѓаат на нив - велат Тали Шарот и Сара Женг, коавтори на истражувањето.

Во коренот на измамите и лажните вести се наоѓаат лагите, па Женг, Шарот и нивна колешка прво ја разгледале литературата за препознавање лаги. Тие откриле дека поголемиот дел од работата се фокусира на лажење надвор од мрежата, каде што луѓето користат мали знаци како што се тонот на гласот, погледот и говорот на телото за да лажат.

- Во онлајн-опкружување обично не можеме да ги следиме овие сигнали. Затоа одлучивме да истражуваме зошто луѓето се лоши во препознавањето на лагите, вклучително и измамите на интернет - велат авторките на истражувањето.

Тимот спровел експерименти со 310 луѓе од кои било побарано да учествуваат во онлајн игра со карти во парови. Дел од играта било да се дадат некои информации за можноста да добијат карта. Некои карти носеле пораз, а други победа. Натпреварувачите можеле да лажат за картите што им биле поделени, што им овозможило да заработат повеќе пари од нивните противници. На учесниците не им било кажано да лажат, па одлуката била нивна.

- На крајот од секоја игра, учесниците рангираа колку мислат дека е искрен противникот. Ги разгледавме сите знаци што луѓето ги користеа за да донесат одлука за нечија искреност. На пример, дали мислеле дека другите лажат ако самите тие лажеле? Дали мислеле дека другите лажат кога им кажале дека имаат ретка картичка? И дали другите лажеле ако самите изгубиле? - рекоа Шарот и Женг.

Кога ги анализирале податоците, откриле две правила. Дека луѓето се посомнителни кон другите ако самите лажеле. Било забележано дека оние што се потпирале на својата искреност, а премалку на статистиката, најслабо ја препознале измамата.

- Овие откритија покажуваат дека чесните луѓе се особено подложни на измами бидејќи најмалку се сомневаат дека некој ги лаже. Покрај тоа, социјалните мрежи користат системи за препораки за да им дадат на луѓето содржина слична на онаа што веќе им се допаѓа, така што овие системи ја искривуваат можноста за гледање одредени информации, вклучително и лажни вести. Природното потпирање на статистиката за да се открие дали нешто е вистина или не, не функционира добро во овој контекст - велат истражувачите.

Овој труд може да стане основа за спречување на луѓето да станат жртви на измами, како и за платформи за спречување на ширењето лажни вести.

- Нашите откритија доведоа до идеја за развој на обука што ќе им овозможи на луѓето да откријат онлајн измами - велат авторките.

Извор: Nauka.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука