X
 05.03.2018 Култура

Лажни вести: Сатиричниот „Титаник“ го изиграл најтиражниот „Билд“

1
Фото: Titanic

Сè потсетува на политички трилер: мистериозен Русин, скандалозна размена на е-пораки и манипулација на гласањето. Но зад сето ова стои сатиричниот магазин „Титаник“, кој го донел таблоидот „Билд“ до столбот на срамот.

Лажните вести во ерата на социјалните мрежи, социјалните медиуми и неограничените дигитални комуникации се шират побрзо од кога било. Она што е добро познато е лошата вест. Добрата вест е тоа што денес дистрибутерите на сомнителни вести многу побрзо можат да им влезат во трага. Пример? Во 1977 година германскиот новинар Гинтер Валраф, кој се занимавал со истражувачко новинарство, влегол во редакцијата на „Билд-Цајтунг“ под лажното име Ханс Есер, и таму поминал два месеца.

Резултатот од оваа тајна акција била неговата книга „Дер Ауфмахер“ (слободен превод: Ударен текст, односно приказна што продава весници). Гинтер покажал дека редакцијата понекогаш има толку лежерен однос кон вистината и дека во својата истражувачка работа се користи со лоши методи. Четири децении подоцна, јасно е дека се доволни само една е-порака и неколку телефонски повици на соработниците од сатиричниот магазин за да се открие несовесно работење на редакцијата „Билд“ - во служба на сопствената политичка агенда.

Што се случило? На таблоидот му бил доставен наводен имејл-разговор што предизвикувал политички скандал од прва класа. Судејќи според содржината на е-пораките, одлуката на Социјалдемократската партија на Германија за влез во новата владејачка коалиција меѓу социјалдемократите и демохристијаните, што требало да ја потврдат делегатите на Социјалдемократската партија на претстојниот Конгрес, наводно ќе пропадне со помош на руската фабрика на лажни вести, што наводно би требало да ги изманипулира гласовите за конечниот одговор на заедничката германска влада да биде „не“. Политичкиот резултат би бил скандалозен: Социјалдемократската партија би влегла во опозиција, Ангела Меркел не би била канцеларка и Германија би можела да распише нови избори или да основа малцинска влада.

Во центарот на наводниот скандал е Кевин Кухнер. Претседателот на организацијата ЈУСОС, подмладок на Социјалдемократската партија, со недели се обидува да го спречи новото издание на големата коалиција. Во измислена размена на електронска пошта, наводните руски хакери му даваат понуда, со помош на лажни профили на социјалните мрежи да влијаат врз гласањето во Социјалдемократската партија. Му нудат преку „Фејсбук“ и другите социјални мрежи да предизвикаат нерасположение против „ГроКо“, како што во Германија ја нарекуваат големата коалиција на социјалдемократите и демократите.

На овие лажни пораки „Билд“ реагирал така што објавил статија на насловната страница под наслов „Валканата кампања на социјалдемократите“. Дури на крајот на статијата авторот вели дека нема докази за автентичноста на примените е-пораки. Набрзо се покажало дека сè е измислено. Оваа наводно експлозивна кореспонденција била лансирана од германскиот сатиричен магазин „Титаник“.

Наводниот политички скандал се претворил во вистинска медиумска афера. Уредникот на „Билд“, Џулијан Реихелт, реагирал на „Твитер“ со зборовите дека сатирата има право на нешто такво, но дека во оваа афера еден сатиричен магазин намерно и свесно се обидел да дискредитира новинарска понуда.

Меѓутоа, Реихелт не може да се ослободи од обвиненијата дека неговите новинари презеле непроверени информации и ги претвориле во ударна вест, односно тема за германската внатрешна политичка сцена.

Сега германската јавност се прашува колку далеку можат да одат германските медиуми ако ја имаат и ја следат својата политичка агенда. Френк Уберхал, претседателот на германскиот синдикат на новинари - ДЈВ, во интервју за „Дојче веле“ е јасен: „Секако дека можете да коментирате колку сакате и да имате уредничка линија. Од друга страна, секако дека фактите што ги наведувате мора да бидат точни и вистинити“.

Според него, весник со таков тираж и такво влијание врз јавното мислење, како што е „Билд“ во Германија, кога објавува ваква приказна, мора да внимава. Во целата расправија на мета не бил само „Билд“, туку се зборувало и за улогата на сатиричниот магазин „Титаник“. И сатиричниот магазин мора да се мери според новинарските мерки. „Тоа е горчлива сатира, но како таква таа е дозволена во тој жанр“, вели Френ Уберал.

И додека „Билд“ и „Титаник“ се расправаат и размислуваат да преземат правни чекори, еден од главните протагонисти на наводниот политички скандал, шефот на подмладокот на Социјалдемократската партија, Кевин Кухнер, на сето тоа гледа опуштено. „Од почетокот велевме дека сè е лажно. Сега тоа стана духовито лажно“, вели тој.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура