Еден Колумбиец, кој 20 години вози камион за смет во Богота, ги собирал фрлените книги и во приземјето од својата куќа отворил бесплатна библиотека.
Хозе Алберто Гутиерес добил прекар „Господар на книгите“ затоа што од 1997 година почнал да ги собира книгите што ги фрлале граѓаните во кантите за отпадоци.
Гутиерес кој сега има 54 години, изјави дека првата книга што ја зел од еден контејнер била „Ана Каренина“ од рускиот писател Лав Толстој. Подоцна дома донел и примероци од „Малиот принц“, „Илијадата“ и дела од најпознатиот колумбиски писател, Габриел Гарсија Маркес.
Подоцна соседите почнале да доаѓаат за да позајмат книги, за себе лично или за своите деца.
Тој во 2000 година со својата сопруга одлучиле да го преуредат приземјето од куќата за да го претворат во бесплатна библиотека која ја нарекле „Моќта на зборот“.
Успехот на таа иницијатива го надминал очекувањето, затоа што во библиотеката почнале да доаѓаат и волонтери да помагаат, па и странци.
Сопругата „ги лекува“ книгите
Бидејќи некои од книгите биле во лоша состојба, сопругата на Гутиерес, кројачка, добила идеја да отвори и „Болница за книги“ каде што ги лепи страниците и ги менува кориците на оштетените книги.
Сега библиотеката, која во меѓувреме се стекнала со светска слава и гостувала на саемите во Чиле, Мексико и Богота, стана место каде се собираат деца кои „ги голтаат“ приказните кои им ги читаат.
Семејството Гутиерес, заради недостаток на простор, патува низ Колумбија и бесплатно им дели книги на населението од зафрлените подрачја.
Сега дури и училиштата и другите образовни установи ги повикуваат на помош, па дури и се вртат приказни дека еден претставник на востаничката герила ФАРК еден ден му се јавил на Гутерес и го замолил да издвои книги за востаниците кои се подготвуваат после 50 години востанички борби да се вратат во цивилниот живот.