X
 15.10.2017 Живот

10 книги што се изгубени низ историјата

Книгите се еден од најдобрите изуми на човекот. Неколку испишани листови и вашите мисли, знаење и емоции се преселуваат во некое друго време и простор. Книгите му дозволуваат на читателот да знае што точно некој мислел и чувствувал кога го пишувал делото. За жал, книгите лесно можат да се оштетат, а светот е грубо место.


Ова се 10 примери на некои од најдобрите книги што не го положиле тестот наречен време.

10. „Инвентио фортуната“ – Арктички дневници

Во средината на 14 век, непознат монах се упатил од Оксфорд до Арктичкиот круг, па станал еден од првите Европејци што го документирале тоа искуство. За време на неговите патувања тој ја напишал книгата „Инвентио Фортуната“, што значи „Откривање на Среќните отрови“. Книгата му ја претставил на кралот Едвард III во 1360 г.

фото извор: Gerardus Mercator

9. „Маргити“ од Хомер (првата влијателна комедија)

Хомер е најмногу познат како авторот на „Илијада“ и „Одисеја“. Но, „Маргити“ е неговата прва поема, напишана околу 700 година пр.н.е. Аристотел рекол дека со ова дело Хомер почнал нова ера на комедијата. Иако некои делови од ова дело се зачувани, сепак поголемиот дел е изгубен.

8. „Карденио“ – Шекспир


Новелата „Дон Кихот“ била едно од најпопуларните дела во Европа во 17 век. Кога делото било преведено на англиски јазик, Шекспир зел копија и веднаш се фатил за работа – напишал дело кое го носи името „Карденио“, како во книгата. Само неколку траги потврдуваат дека Карденио постоел. Делото било во сопственост на човек со име Хемфри Моузли во 1653 година, но сега не е целосно познато колку делови од ова дело се зачувани.

7. „Џекил и Хајд“ – прв нацрт

„Чудниот случај на д-р Џекил и господин Хајд“ е една од најпознатите хорор-приказни што некогаш биле напишани. Приказната ја испитува природата на внатрешната борба на луѓето меѓу доброто и злото, како и нивните свесни и несвесни желби. Книгата оставила голем белег во западната литература, па сега „Џекил и Хајд“ се користи и како фраза. Копии од книгата може да се најдат насекаде во светот, но сепак првиот нацрт е изгубен засекогаш.

фото извор: Wikimedia

6. „Новела за Првата светска војна“ – Ернест Хемингвеј

Во декември 1922 година, Хедли Хемингвеј отпатувала во Швајцарија кај својот сопруг Ернест, кој тогаш работел како странски дописник за „Торонто стар“. Ја покривал Мировната конференција во Женева, за потоа да замине за Чамби. Двојката се сретнала со Линколн Стефенс, американски репортер кој штотуку го запознале. Хедли спакувала неколку незавршени ракописи од Ернест за да му ги покаже на Стефенс. Пред да се качи на воз во Лион, отишла да купи вода за патувањето. Кога се вратила, торбата со ракописите не била тука. Му ја кажала на Ернест вистината. Тој бил во паника, побарал замена во Женева и заминал во Париз. Губитокот на неговите дела било нешто со кое тој никогаш не се помирил. По 5 години брак, се развел од Хадли. Еднаш рекол дека памети што правел ноќта кога сфатил дека ракописите ги нема, но никогаш не кажал што.

5. „Двојно изложување“ – Силвија Плат


Силвија Плат била една од највлијателните писателки на 20 век. Поголемиот дел од нејзините дела се поезија. Книгата „Двојно изложување“ таа ја опишала како екстремно смешна. Почнала да ја пишува во 1962, но во 1963 си го одзела животот, па книгата останала недовршена. Делови од нејзините дневници биле изгорени од нејзиниот поранешен сопруг, кој истакнал дека незавршената книга била украдена од страна на мајката на Плат. Уште не е јасно кој ја зборува вистината.

4. „Креирање сфера“ – Архимед

100 години по смртта на Архимед, Цицерон пишувал за две сфери креирани од Архимед: онаа што ги обележува ѕвездите и друга која ги обележува планетите, Сонцето и Месечината гледани од Земјата. Во неговата книга тој ги искажал своите теории, формули и дизајни за создавање напредна машинерија. За жал, ракописот бил изгубен кога Сиракуза била нападната, каде што тој и живеел и починал.

3. „Енциклопедијата Јонгли“ – Династија Минг

Околу 1000 години пред во Европа да биде измислена хартијата, во Кина веќе се пишувало. Си имале и свој начин на печатење, уште пред Гутенберг да ја измисли печатачката преса. Императорот Јонгли нарачал производство на енциклопедија во 1403 година. Се работи за дело кое содржи 8000 кинески текстови, од медицина и наука, до култура и музика. Огромна база на податоци, која експертите сметаат дека била уништена кога династијата престанала да владее. Некои веруваат дека енциклопедијата е сместена во гробницата на императорот Јиајинг.

2. Николај Гогољ

Еден од највлијателните писатели во златната доба на руската литература. Бил хипохондрик и постојано мислел дека е болен. Најдобрите дела ги креирал кога бил здрав. Неговото дело „Мртви души“ е базирано на „Пеколот“ на Данте Алигиери, а книгата предизвикала реакции поради својата контроверзна содржина. Гогољ бил осудуван и од религиската заедница, а еден свештеник, кој го убедувал дека неговите дела се грешни, го натерал да ги изгори сите свои материјали. Го изгорел вториот дел од „Мртви души“, сметајќи дека неговата болест е одговорна за неморалното однесување, па потоа се покајал, поминал 9 дена без храна и починал.

1. Изгубени мексикански кодекси

Астеците и Маите се вистинска мистерија. Уште не е познато колкаво било нивното знаење, а не е познат сосема ниту начинот на кој живееле и како исчезнале. Најголема мистерија се кодексите што ги оставиле зад себе. Колекциите на илустрации и текстови се навистина тешки за дешифрирање, а многу малку има потомци од овие цивилизации што можат да помогнат во нивното разбирање. По инвазијата на Шпанците биле уништени речиси сите кодекси на Маите.

фото извор: Ancient Origins
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот