Професорот Блажо Боев, еден од најафирмираните македонски научници со меѓународно признати релевантни истражувачки резултати и универзитетски професор со силна мотивација за иновирање на наставниот процес, активен член на академската заедница во Република Македонија, којшто своите неприкосновени организациски вештини ги става во корист на сите е избран за дописен член на XIX Изборно собрание на Македонската академија на науките и уметностите.
Според научните резултати изразени преку квалитетот на публикациите, важноста на научните факти содржани во нив, импактот на списанијата во кои се објавени овие трудови и веќе искажаното внимание на научната заедница преку бројот на цитати, може да се каже дека проф. д-р Блажо Боев е еден од најдобрите истражувачи од областа на геонауката во Република Македонија и неговиот научен опус е високо конкурентен во нашиот регион и јасно препознатлив на европско ниво. Нема сомнение дека научните резултати на проф. д-р Блажо Боев се рамноправни и споредливи со резултатите на сите членови на академиите од Југоисточна Европа од областа на геологијата.
САНУ (Српската академија на науките и уметностите) во својот реферат за проф. Боев ќе напишe:
„Резултатите на проф. д-р Блажо Боев во градењето капацитет во науката и истражувањето апсолутно ја надминуваат средината во која се постигнати. Работата на опремувањето и создавањето на нови лаборатории на Универзитетот „Гоце Делчев“ и начинот на кој тие се вмрежени и достапни на целата научна заедница на Република Македонија се примери на индивидуална компетентност која е во служба на општа академска корист. Ваква истражувачката инфраструктура со овој квалитет не постои во областа на геонауки во ниту една од земјите од поранешна Југославија, освен можеби во Словенија. Овие резултати укажуваат дека од изборот на проф. д-р Блажо Боев за дописен член на МАНУ - иако ова сигурно би било признание за него лично и за неговата досегашна кариера - целата заедница на геонауката во Република Македонија би имала големи придобивки“. (Д-р Владица Цветковиќ, редовен професор и дописен член на САНУ, Универзитет во Белград, Рударско-геолошки факултет.)