По дипломирање веднаш се вработил, а во блиска иднина планира да запише магистерски студии
Со 9,8 просек Григориј Ангов бил студент со највисок просек во својата генерација. Овој дипломец на Машинскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип веќе успешно се носи со предизвиците на работното место во компанијата „Адиент“ во Струмица, која е светски реномирана компанија за производство на навлаки за автомобилски седишта.
Изборот на факултет за него не била тешка одлука.
- Отсекогаш сум се интересирал за техничките науки, па затоа Машинскиот факултет беше логичен избор за мене. Освен тоа, знаењето со кое се стекнуваш по завршувањето на овој факултет нуди голем број можности на пазарот на трудот, како во нашата земја така и надвор од неа. Исто така, можам да кажам дека успешното завршување на овој факултет претставува вистински предизвик, но затоа сега со гордост ја носам титулата машински инженер - вели Ангов.
Во текот на студирањето имал, освен десетките, имал една 9. и една 8.
- Не сум кампањец, не се спремав пред испит. Учев секој ден, континуирано. Често користев и други извори на информации, не се држев само до она што беше напишано во литературата, туку и истражував, читав за она што го учам. Го сакав тоа што го учев, а и сега го учам - вели Ангов.
Тој дипломирал на насоката Индустриско инженерство и од сегашна гледна точка вели дека воопшто не погрешил. Оваа насока е спој на класични машински предмети, но и предмети кои го подготвуваат идниот инженер да се справи со сите организациони проблеми со кои би се соочил во текот на работата.
- За секој успех потребно е да се вложи труд, но и да се биде упорен, јас бев студент со највисок просек во мојата генерација (9,8). Тоа достигнување е резултат на личен ангажман, но и одлична соработка и несебична поддршка од професорите и асистентите - вели нашиот соговорник.
Со работа почнал веднаш по дипломирањето и работи на позиција продукт инженер. Се грижи за воведување нови производи во сериско производство, запазување на спецификациите што ги бараат клиентите, но и секојдневно подобрување и оптимизација на производствениот процес.
- Се работи за голем производствен капацитет кој ги користи последните достигнувања на технологијата и испорачува производи за најпознатите автомобилски брендови во светот - вели Ангов.
Објаснува дека едукацијата и кариерниот развој му се врвни приоритети во моментов.
- Нашата професија бара постојано да се надградуваме и да ги следиме новитетите во технолошкиот свет доколку сакаме да бидеме во чекор со светските трендови. Во блиска иднина планирам да запишам магистерски студии, на таа тема веќе сум во контакт со професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“ и со нетрпение чекам да ја започнам и таа нова етапа од мојата едукација - додава нашиот соговорник.
Ангов смета дека секој млад човек треба за почеток да ја гледа иднината во земјата во која е роден или каде што живее и да помогне да се развие општеството и да биде подобро за следните генерации.
- Бегањето од проблемите не носи решение. Но и државата треба да се потруди повеќе за да ги задржи младите и талентирани луѓе и да го искористи нивниот потенцијал - додава тој.