X
 07.06.2019 Образование

Независниот академски синдикат му се лути на МОН, преговорите за повисоки плати стагнираат

Членовите на Независниот академски синдикат се незадоволни со каква динамика се решава проблемот за зголемување на платите на вработените во јавните високообразовни и научни установи. Повеќе од еден месец тие чекаат одговор од МОН, откако доставиле предлог и методологија за прогресивно покачување на платите, кој би требало да резултира со постепено постигнување ниво на плати примерни на дејноста на сите вработени во високото образование и науката, како и со нивелирање на неоправданите и неправедни разлики во платите меѓу вработените на различните јавни установи.
- Со жалење мораме да констатираме дека рокот од 10 работни дена, во кој требаше да бидеме повикани на преговори, веќе одамна помина. Со оглед на тоа што покажавме доволно трпение и разбирање, доколку во најкус временски период не бидеме повикани на состанок со одговорните од ресорното министерство, ќе бидеме принудени да заклучиме дека МОН ги прекинува преговорите со НАкС. Поради сериозноста на ситуацијата, ќе бидеме принудени да ги примениме сите синдикални инструменти што ни стојат на располагање за да ја постигнеме целта - велат од НАкС.


фото: НАкС
 
Претставници на синдикатот почнаа преговори со министерот Арбер Адеми на 16 јануари, кога се согласија дека буџетските издвојувања за платите на вработените во овие исклучително важни сектори со години наназад се недозволиво ниски, како и дека не го следат трендот на покачувања на платите во останатите јавни сектори, ниту на покачувањето на просечната плата во Македонија, стои во реакцијата.

- Споредбата на платите на универзитетските професори и научници во нашата земја со оние од регионот е поразителна. За илустрација, основната нето-плата што за редовен професор ја исплаќа МОН изнесува 553 евра, додека во Србија за редовен професор државата издвојува 1.000 евра, во Босна 1.200 евра, а во Косово 1.420 евра. Дополнително, констатиравме дека досегашните непринципиелни политики во однос на формирањето на платите на вработените во овие сектори доведоа до драстични разлики помеѓу платите на вработените во различни јавни универзитети и научни установи, како и помеѓу вработените на различни единици во состав на ист универзитет. Ваквиот феномен, кој се среќава единствено во нашата земја, најмалку се должи на квалитетот на академската работа и веќе долги години предизвикува оправдано незадоволство кај голем дел од академската заедница - велат во соопштението.
Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование