X
 22.08.2020 Наша тема

Ќе имаме ли онлајн-учебници за онлајн-настава? Сега достапни само третина

МОН чека електронски верзии од издавачките куќи

Повеќе од две третини од електронските учебници не се достапни на платформата е-учебници, иако Владата одлучи најголемиот дел од наставата во новата учебна година да се одвива онлајн. Од вкупно 961 учебник за основно, средно и средно стручно образование може да се преземат само 285 учебници. Од Министерството за образование и наука велат дека поради ситуацијата со Ковид-19, во текот на минатата учебна година побарале од сите издавачки куќи да им достават е-верзија од учебниците за да ги објават на веб-страницата.



- Имаа можност и да ги објават на своите веб-страници, а нам да ни достават пристапен линк. Дел од издавачките куќи што ги имаа верзиите во е-форма и ги добија согласностите од авторите ни ги доставија и тие се објавени на e-ucebnici.mon.gov.mk за да може да се користат времено, до крајот на учебната година. Оваа постапка ќе биде повторена деновиве и во оваа учебна година, покрај хартиените учебници што се доделуваат преку училиштата, на учениците да им бидат достапни и електронските верзии - велат од МОН за Факултети.мк.

Во моментот од вкупно 185 е-учебници за осново образование во сите девет одделенија може да се преземат само 68. Од вкупно 12 за второ одделение не е достапен ниту еден.


Е-учебници за основно образование достапни во моментот

За средно гимназиско образование има вкупно 161 е-учебник, а може да се преземат само 14. Владата одлучи дека поради Ковид-19, средношколците новата учебна година ќе ја почнат онлајн. Веќе има реакции од учениците. Тие инсистираат на комбинирана настава и тврдат дека онлајн-наставата што ја имале од март до јуни не била квалитетна.


Само 14 е-учебници за средношколците во гимназиите

Од областа на средно стручно образование има најмногу учебници поделени во 15 струки. Од вкупно 615 е-учебници може да се преземат 203 и тие се претежно распределени во 3. и 4. година. Речиси нема учебник за првите две години.


Од достапните 203, најголем процент се за 3. и 4. година
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема