X
 07.06.2021 Економија

Во Македонија има 150.843 невработени, од кои 32.040 се со високо образование и 33.331 се со основно

Во првото тримесечје од 2021 година активното население во Република Македонија изнесува 943.964 лица, од кои вработени се 793.121, 150.843 лица се невработени, а 741.600 се неактивни, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Стапката на активност во тој период е 56,0, стапката на вработеност 47,1, додека стапката на невработеност изнесува 16,0.

Од објавените податоци може да се види дека 59,2 отсто од вработените се мажи, а 40,8 се жени. Поточно, како вработени се водат 469.863 мажи и 323.258 жени. Невработени се 95.278 мажи, што е 63,2 отсто од вкупниот број невработени, додека кај жените таа бројка е 55.565, односно 36,8 отсто од невработеното население во земјава. Од неактивните 278.462 се мажи (37,5%), додека 463.138 се жени (62,5%).

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Доколку ги анализираме податоците според возрасни групи, можеме да забележиме дека на возраст од 25 до 49 години се 525.680 од вработените и 91.824 од невработените. Бројот на неактивно население во таа возрасна група е 159.704. Истовремено, вкупниот број на лица во таа возрасна група е 777.208, а на работната сила 617.504 лица.

На возраст од 15 до 24 години има вкупно 241.919 лица, од кои 73.895 се работна сила. 46.446 лица од оваа возрасна група се вработени, додека 27.449 се невработени, а 168.024 се неактивно население.

Во возрасната група од 50 до 64 години се заведени вкупно 410.968 лица, од кои во работна сила спаѓаат 242.302 лица. 210.907 лица од оваа возрасна група се вработени, 31.395 се невработени, а 168.666 се заведени како неактивно население.

Вкупно 255.469 лица се заведени во возрасната група од 65 и повеќе години. Од нив 10.263 се заведени како работна сила, при што 10.088 се вработени, а 245.206 се неактивно население.

Податоците на ДЗС покажуваат дека најголема стапка на активност на населението според возрасни групи има кај населението на возраст од 25 до 49 години (79,5). Во таа група е најголема стапката на вработеност (67,6), додека стапката на невработеност е најголема во возрасната група од 15 до 24 години (37,1).

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Најголем дел од вработените работат во преработувачката индустрија (160.223), а потоа следува секторот трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли (118.722), земјоделство, шумарство и рибарство (94.105), јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (57.462) итн.

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)

Најголем дел од активното население има завршено 4 години средно образование (463.891), а потоа следуваат оние со високо образование (241.697) и оние со основно образование (142.243).

Најмногу од вработените исто така се со средно (396.170), а потоа следуваат оние со високо (209.657) и оние со основно (108.912). Вкупно 9.646 вработени лица се со незавршено основно образование.

Од невработените, најмногу се со 4 години средно (67.721), а потоа следуваат оние со основно образование (33.331) и трети се оние со високо образование (32.040).

Фото: Државен завод за статистика (printscreen)


Насловна фотографија: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија