Стив Џобс ги обожавал спортските автомобили, иако никогаш не се фалел дека знае многу за нив. Со текот на годините ги купувал најдобрите автомобили. Легендата вели дека Стив Џобс купувал ново „порше“, идентично на она што веќе го поседувал, секогаш кога ќе се појавила гребеница на автомобилот. Но, вистинската причина за менување автомобил на секои шест месеци е нешто што малкумина го знаат.
Основачот на „Епл“ купувал кабриолет црно „порше 911“ на секои шест месеци со децении. Причината зошто го правел тоа е што ги мразел регистарските таблички и не сакал табличка на неговиот автомобил. Тогаш Калифорнија им дозволувала на возачите да не користат регистарски таблички во првите шест месеци од сопственоста. Џобс склучил договор да изнајмува нов автомобил на секои 180 дена, па затоа не морал да става регистарски таблички.
Џон Калас, експерт за компјутерска безбедност и софтверски инженер во „Епл“, ја потврдил оваа приказна во интервју за „Ај-ти вајр“ во 2011 година, само неколку месеци пред да почине Џобс. Тогаш се шпекулирало дека Стив Џобс склучил договор со Одделот за моторни возила во САД за да добие бар-код на неговиот автомобил наместо регистарска табличка. Но, оваа приказна не била потврдена и сите автомобили во тоа време имале такви бар-кодови.
Неговата ќерка Лиза Бренан-Џобс ја раскажува оваа приказна за татко ѝ во нејзините мемоари „Смол Фрај “, прикажувајќи го како човек кој не бил многу дарежлив. И таа мислела дека се гребениците се во прашање и се надевала дека ќе добие барем едно „порше“ од тие што ги купувал нејзиниот татко.
Но, кога таа го прашала: „Можам ли да го имам кога ќе завршиш со него?“, нејзиниот татко имал прилично агресивен одговор. „Апсолутно не. Нема да добиеш ништо“, ѝ рекол тој, а Лиза го напишала тоа во својата книга. Наместо тоа, тој му го подарувал автомобилот на продавачот на „Порше“, Крег Елиот, бидејќи продал повеќе „Мекинтош“ компјутери од кој било друг во САД.
Подоцна се префрлил на „мерцедес бенц СЛ55 АМГ“ и го направил истото со тој модел: менувал автомобили на секои шест месеци, секогаш купувајќи го истиот модел во иста боја, само за да вози без таблички.
Како ентузијаст за спортски автомобили, Џобс возел и „бе-ем-ве З8“. Моделот бил продаден за 329.500 долари на аукција во октомври 2017 година.
Извор: benchmark.rs
Фото: Wikipedia