X
 07.07.2021 Живот

Митови поврзани со нарцисите

Многумина од нас веројатно се сретнале со луѓе кои се навистина полни со себе, кои не се грижат за другите и секогаш сакаат да бидат во центарот на вниманието. За овие луѓе веднаш заклучуваме дека се нарцисоидни. Сепак, тоа често е само фасада, а во реалноста нарцисите не се како што изгледаат на површина.

Ова се некои од вообичаените митови за нарцисите. Се надеваме дека некои од објаснувањата во продолжение ќе ви помогнат подобро да ги разберете овие луѓе и како да се справите со нив.

Мит 1: Мислат дека се подобри од сите

Ова може да важи за некои нарциси, но не за сите. Напротив, нарцисите имаат ниско ниво на самопочит и чувствуваат дека треба постојано да ги импресионираат другите. Овие луѓе се нарекуваат ранливи нарциси и потребна им е потврда од другите луѓе за да се чувствуваат подобро, бидејќи никогаш не се доволно добри за себе.

Мит 2: Сакаат да ги повредуваат другите

Нарцисите немаат намера на било кој да му наштетат. Но, тие сакаат да ги исполнат своите потреби и желби. И во обид да го постигнат она што го сакаат, би можеле да направат сѐ за да ја постигнат таа цел. Можеби не сфаќаат дека овој процес има негативно влијание врз некој друг.

Мит 3: Не се во можност да создадат блиски односи

Всушност, можно е нарцисите да создадат блиски односи, но вистината е дека тоа може да е тежок подвиг за нив. Тие сакаат да добијат многу љубов и воодушевување, но не даваат ништо за возврат. Оваа еднострана врска може да биде проблематична за другите луѓе, особено ако имаат одредени очекувања и веруваат дека нарцисоидната личност може да се промени.


Фото: Pexels

Мит 4: Нарцизмот може да биде здрав

Некои би рекле дека малку нарцизам може да биде добар за вас, односно може да профитирате од тоа. Ова мислење е особено честа појава во деловниот свет, каде што колку повеќе пари заработувате, толку е подобро за вас, без оглед како тоа влијае врз другите. Непочитувањето на туѓите животи не може да биде добра работа. Да се биде нарцис честопати значи да се биде арогантен, одмаздољубив и секогаш да се ставате себеси на прво место, а овие карактеристики воопшто не се здрави.

Мит 5: Не се способни да сочувствуваат

Верувањето дека нарцисите не се способни да ги разберат туѓите емоции не е точно. Тие може да сочувствуваат, но е различно од начинот на кој другите го прават тоа. Тие можат и добро да ги „читаат“ луѓето и да ги препознаваат нивните чувства, но тоа го прават само ако имаат некаква корист.

Мит 6: Социјалните медиуми предизвикуваат нарцизам

Социјалните медиуми не можат да претворат некого во нарцис. Истражувањата сугерираат дека од стилот на родителство зависи дали ќе станете нарцис. Ако му биде дозволено, детето веројатно ќе стане нарцис. Но, социјалните медиуми можат да им обезбедат платформа на овие луѓе на која ќе можат да бараат восхит и потврда.

Мит 7: Можете да промените нарцис

Некои луѓе веруваат дека можат да сменат нарцис ако станува збор за некоја нивна блиска личност. За жал, нарцисите не се менуваат. Тие веројатно се свесни дека се нарцисоидни, но не сметаат дека е проблем што треба да се реши. Напротив, тие мислат дека другите луѓе имаат проблеми. Но, некои подобрувања може да се направат доколку одат на психолог, иако тоа може да биде тешко и може да потрае.

Мит 8: Нарцисите се обожаваат себеси

Многу пати не е љубовта кон себеси она што ги тера нарцисите да се однесуваат онака како што се однесуваат, туку омразата кон себеси. Постојат нарциси кои се заљубени во себеси, но некои истражувања сугерираат дека би било поправилно да се сметаат за психопати. Значи, другата страна на нарцизмот всушност може да значи чувство на одвратност кон себеси и несигурност.

Извор: Brightside
Фото: Pexels
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот