Постојат загрижувачки знаци или барем рационални причини за потребата да се предвидат негативните последици од долгото работење од дома.
Минатите истражувања на темата најчесто покажувале дека има придобивки од работата на далечина - може да ја зголеми мотивацијата, да го подобри здравјето и да ја зголеми продуктивноста на работникот. Но, тоа се истражувања спроведени пред пандемијата и во нив се претпоставува дека работата од дома е избор, а не потреба и дека компаниите нудат опции за повремена работа од канцеларија. Така, работникот одбира да работи онака како што му одговара.
Што се случува кога нема избор и луѓето што никогаш не работеле од дома сега се принудени на тоа? Дали „Зум“ може целосно да го замени
физичкиот контакт, особено на долг рок? Кои се психолошките последици од долгорочната работа од дома и дали работниците може да сторат нешто за подобро да се подготват?
Само времето ќе покаже и ќе ги даде дефинитивните одговори на овие прашања. Последиците може да бидат индивидуални. Но постојат одредени знаци дека ваквата работа би можела да има некои психолошки ефекти врз одредени лица.
Фото: Freepik
Осаменост
Социјалната изолација претставува вистински проблем. Кога компаниите не нудат соодветна поддршка и не поттикнуваат работна култура на соработка и поврзаност, макар на виртуелен начин, многу работници може да се чувствуваат осамени. Сите менаџери не се подготвени да ја направат промената од аналогно работење на менаџирање преку „Зум“. Освен тоа, кризата може да ги зголеми нееднаквостите и повеќе да им наштети на жените и малцинствата.
Анксиозност
Несигурноста предизвикува анксиозност. Луѓето бараат значење, а кога се случуваат работи што не им се познати, стануваат несигурни. Се добива чувство на непријатност и беспомошност кога не може да се планираат идните работи. Ова значи дека не знаеме какво влијание ќе има работата од дома врз генералниот животен стил на луѓето. Луѓето не може да знаат што да очекуваат во кариерата и како да ги планираат врските и генерално, животот.
Стрес
Секоја промена предизвикува анксиозност и стрес. Затоа, најдобар начин да се предвиди ефикасноста на работниците од дома е да се види дали тие порано работеле на далечина. Постои разлика меѓу луѓето што сакале да работат од дома пред кризата и оние што се принудени на таа промена.
Луѓето што не работеле од дома претходно веројатно ќе забележат одредени негативни ефекти, а тие може да влијаат и врз колегите што претходно работеле од дома и немаат проблеми со ваквата работа. Затоа, целиот процес може да биде нарушен и се предизвикува стрес. Постои и разлика помеѓу лицата што имаат деца и оние што немаат.
Фото: Freepik
Незаменливоста на личниот контакт
Не е можно да се заменат милиони години лична комуникација со технолошки помогната и виртуелна комуникација. Голем дел од технологијата што ја користиме и во која уживаме има цел да реплицира искуства од реалниот живот. Но виртуелниот контакт е само замена за комуникацијата лице в лице и повеќето луѓе претпочитаат да пијат кафе со колега во живо отколку на „Зум“.
Светла точка
Кога станува збор за работата од дома, на луѓето им се допаѓа флексибилноста. Работата од дома има и други придобивки. Според една анкета, 37% од работниците некогаш работеле од дома пред пандемијата. Пандемијата и истражувањата за придобивките од работата од дома може да ги поттикнат компаниите да почнат да нудат повеќе опции за работа и со тоа да ги задоволат оние што сакаат да работат од канцеларија и оние што претпочитаат работа од дома.
Конечно, да не заборавиме дека луѓето се успешни во приспособувањето и веќе го поминаа најтешкиот дел - ја направија првата промена.
Автор: Томас Чаморо-Премузиц
Извор:
fastcompany.com