Над 71 милион луѓе низ светот се соочуваат со сиромаштија како резултат на растечките цени на храната и на енергентите, предизвикани од руската инвазија врз Украина, соопшти денеска програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Се проценува дека дополнителни 51,6 милион лица осиромашиле во првите три месеци по почетокот на војната, живеејќи со приходи од 1,90 долар дневно или помалку.
Сега вкупно 9 отсто од светската популација живејат во сиромаштија. Дополнителни 20 милиони се на граница на сиромаштија, со приходи од 3,20 долари дневно.
Во земји со ниски приходи, семејствата трошат 42 отсто од приходите на домаќинството за храна. Но, по санкциите воведени од западни земји кон Русија, пораснаа цените на горивата и на основните прехранбени производи, како пченица, шеќер, масло за јадење.
Блокираните украински пристаништа и неможноста земјата да извезе жито во земји со ниски приходи дополнително ги зголемија цените, туркајќи десетици милиони луѓе во сиромаштија.
Брзината со која луѓето „влетаа“ во сиромаштија ја надмина кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19.
Според УНДП, 125 милиони луѓе доживеаја сиромаштија за време на 18 месеци карантин и затворање поради пандемијата. Од друга страна, 71 милион осиромашија за само три месеци по руската инвазија врз Украина, која почна на 24 февруари.
Извор: МИА