X
 20.04.2019 Живот

Знаци дека сте инфицирани со вирусот на сиромаштија

Компулсивното купување и постојаната желба за трошење пари не секогаш се наша вина. Хормонот на стресот, кортизол, е одговорен за многу одлуки што ги носиме. Тој лошо влијае врз меморијата, ги намалува концентрацијата, самоконтролата и благодарение на него повремено се чувствуваме како зомби. Чувството на сиромаштија врз мозокот има ист ефект како долга бессона ноќ.

Кои се нездравите ставови кон парите и што откриваат тие за нас?

Се држите до образецот на однесување на родителите

Ако во детството често сте слушале „не можеме да си го дозволиме ова, не сме ние печатница за пари“, тоа потсвесно влегува во вашата глава. Нашите убедувања, вклучително и оние што сме ги презеле од родителите, влијаат врз тоа како ја работиме нашата работа, што ќе купиме и по која цена, а и каков стил на живот ќе имаме. Ограничувањата и недостигот од пари во детството нѐ обликуваат во луѓе за кои едноставните задачи изгледаат тешки, а и помалите пречки ја намалуваат мотивацијата.

Важно ви е што ќе кажат другите

Дали познавате некој што се задолжил или зел кредит за некоја сосема непотребна работа? Некоја жена што купила фустан чија цена ја надминува нејзината двомесечна заработка? Или некој што се одрекол од многу нешта за да повика 200 гости на венчавката? Актерката Кира Најтли се омажи во фустан кој пет години ѝ бил во орманот и тоа не беше првпат да го носи тој фустан. И замислете, ништо лошо не се случи.  

Не, нема ништо лошо во раскошната венчавка ако можете да си ја дозволите. Можеби многу заработувате или имате наследено многу пари. Но, ако вашата фамилија ја троши целата заштеда или зема кредит за тој еден ден бидејќи мора да се покаже пред народот, тоа покажува дека мозокот ви е нагоден на сиромаштија.

Погрешно ви се поставени приоритетите

Економистите што се занимаваат со поимот сиромаштија веруваат дека кога некој е во лоша финансиска состојба, се обидува да побегне од својот досаден живот.

Можеби затоа во Индија 40 отсто од фамилијарните приходи се трошат на одмори и религиозни ритуали. Во Мароко луѓето купуваа ДВД-плеери и плаќаа кабелска, а јадеа само леб со чај. Луѓето што мислат дека се сиромашни почнуваат да се поставуваат над другите. За да докажат дека се успешни и дека заработуваат, тие купуваат скапи подароци, ги честат луѓето во кафулињата со последните пари од паричникот и купуваат ајфон на тригодишен кредит, а фрижидерот им е празен.

Стресот го лекувате со шопинг

Секој што е во тешка ситуација е и под голем стрес. Лачењето на кортизолот се зајакнува по една  година преживеана на тој начин. Тоа влијае врз меморијата, концентрацијата и одредени начини на размислување. Кога сте без пари, тоа на мозокот влијае исто како да не сте спиеле цела ноќ. Носите лоши одлуки - купувате на кредит, купувате бескорисни нешта и заборавате да ги платите сметките. Самоконтролата опаѓа не затоа што тоа лице не сака да ја поправи својата ситуација, туку поради високото ниво на кортизол и лошата концентрација.

Немате цели и не мечтаете

Многу луѓе работат повеќе за да се ослободат од чувството на сиромаштија. Проблемот со тоа е што немаат време да мечтаат или да си постават цели, да се опуштат и да уживаат. Само работат. Според истражување спроведено пред две години, луѓето со помали приходи се чувствуваат како да не можат да променат ништо или да влијаат врз ситуацијата. Затоа и не си поставуваат цели.

Никако не можете да заработите повеќе

Многу луѓе се чувствуваат како да се заглавени. Со години се на истото место и со истата плата. Дури и ако го променат работното место и работат повеќе, тие заработуваат исто. Човекот обично мисли дека за да заработува повеќе, мора да работи по 60 часа неделно, да докторира и да има добри контакти. Другата варијанта е  - повеќе пари се повеќе проблеми и одговорности, а јас веќе работам за двајца. Човекот се навикнува на моменталната финансиска ситуација, некако успева да сврзе крај со крај. Ако на работа добие бонус, ќе го потроши за неколку дена и нема ни да забележи. Ако му понудат да работи на нов проект, кој не е поврзан со примарната работа, ќе каже дека е презафатен и ќе ја изгуби можноста. Навиката да живеете со истата заработка долго време води кон тоа да ги пропуштите новите можности.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот