На 14.11.2019 година на Факултетот за безбедност-Скопје пред студентите и професорите предавање одржа европскиот пратеник Ирена Јовева од Република Словенија. Тема на излагањето беше: „Проширувањето на ЕУ и земјите од Западен Балкан пред нови предизвици“.
За време на посетата европскиот пратеник Јовева оствари средба со проректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, проф. д-р Марјан Ѓуровски, и деканот на Факултетот за безбедност-Скопје, проф. д-р Никола Дујовски. На средбата со проректорот Ѓуровски стана збор за студиската програма безбедност и евроатлантски интеграции и можноста преку неа да се обезбеди одредена мобилност, волонтирање за време на студирањето на студентите и посета на европските институции во иднина, како и развивање академска соработка со институции од Република Словенија и други од ЕУ. Европратеничката со македонско потекло, Ирена Јовева, на нејзината прва посета на земјава како европски функционер главната цел ѝ е да пренесе дека Северна Македонија не смее да се откаже од европската иднина. Патот до Европскиот парламент не беше лесен, но вредеше, вели Ирена Јовева. Таа е родена во Словенија, а потеклото и е по мајчина линија. Вели дека патот кон Брисел бил исполнет со препреки, а најтежок ѝ бил трансферот од новинарството во политиката, најмногу затоа што од критичар на политичари и самата станала политичар.
Првата посета на земјава како европратеник ја користи за да го збогати мајчиниот јазик, но и да ја пренесе пораката дека Северна Македонија сè уште треба да се надева на европската иднина. Јовева вели и дека очекува датумот за почеток на преговори набрзо да ѝ биде доделен на земјава, и додава дека таа како европратеник ќе стори сè што е во нејзина моќ за да се оствари тоа. Европратеничката Јовева е дел и од неформалната група во Европскиот парламент под името „Пријатели на Македонија“ во Европарламентот, која пред неколку дена ја одржа првата седница. Студентите со особен интерес го следеа предавањето во преполниот амфитеатар.
Во институциите на Европската Унија постои можност за волонтирање и стажирање и за студентите од Северна Македонија, како и за оние што се неодамна дипломирани. Сега во Европскиот парламент има двајца студенти од нашата држава, а исто и во Европскиот совет. ЕУ-пратеничката Јовева наведените информации ги сподели и со студентите на предавањето што го одржа, а во врска со проширувањето на ЕУ и земјите од Западен Балкан. Студентите слушаа внимателно и заинтересирано и поставија многу прашања.