Дејвид Рубин е избран за нов претседател на американската Академија за филмска уметност и наука, која го организира доделувањето на „Оскарите“.
Тој е прв директор за кастинг што ја добил таа одговорност, која досега ја имаше Џон Бејли – директор на фотографија, кој беше претседател на Академијата од август 2017 година.
Во биографијата на Рубин има над 100 наслови, меѓу кои и оскаровскиот „Англиски пациент“, „Луѓе во црно“, „Четири венчавки и погреб“, како и хит-серијата на Ејџ-би-о – „Невини лаги“. Тој ќе има задача да ја унапреди разноликоста на членовите во оваа институција, но и да ја зголеми гледаноста на „Оскарите“, која последниве две години падна под 30 милиони гледачи.
Филмската академија од 2016 се залага за удвојување на бројот на жените и малцинствата во членството.
Извор: МИА