Во чии раце ќе отиде „Оскарот“ за најдобра актерка наредниот месец? Ако „Изборот на критичарите“ е некаков показател, тогаш категоријата за најдобра актерка во главна улога ќе биде тешка за предвидување.
На 24. церемонија на „Изборот на критичарите“ (Critics' Choice Awards), професионалните критичари ги наградија најдобрите филмски и телевизиски остварувања за минатата година.
Филмот „Рома“ на мексиканскиот режисер Алфонсо Куарон на церемонијата доби четири награди - во категоријата најдобар филм и режисер, најдобра филмска фотографија и најдобар странски филм.
Фото: USA Today
Наградата за најдобра актерка отиде во рацете на Лејди Гага за „Ѕвездата е родена“, како и на Глен Клоуз за улогата во филмот „Сопругата“. Наградата за најдобар актер во филм отиде во рацете на Кристијан Бејл за филмот „Заменик“.
Во категоријата најдобар актер во споредна улога наградата ја доби Махершал Али за филмот „Зелената книга“, а Реџина Кинг за најдобра актерка во споредна улога за филмот „Ако улицата Бил можеше да зборува“.
Наградата за најдобра актерка во драмска серија ја доби Сандра Оу за „Убивајќи ја Ева“, а актерот Метју Рис за „Американци“. Наградата за најдобра споредна улога ја доби Тенди Њутн за „Западен свет“.
Во категоријата комедија победи серијата „Неверојатната госпоѓица Мејзел“, наградата за најдобра главна актерка во серија ја доби Рејчел Броснан, а наградата за најдобар главен и спореден актер ја добија Бил Хејдер и Хери Винклер за серијата „Бери“.
Лејди Гага ја доби и наградата за најдобра песна - „Shallow“. Таа одржа прилично емотивен говор во кој, меѓу другото, му се заблагодари на Бредли Купер, со кого глумеше во филмот.
Целата листа со победници можете да ја погледнете
ТУКА.