X
 30.09.2017 Култура

Ние и „Оскарите“: Зошто се самоцензурираме?

Важно е да знаеме каде сме и каде сакаме да одиме, односно која е нашата стратегија како земја во однос на интернационална манифестација како доделувањето на „Оскарите“. Понекогаш имам чувство дека, за жал, многу често глумиме демократија, додека воедно самите себе се цензурираме – вели режисерката Теона Стругар-Митевска, чиј филм „Кога денот немаше име“ беше во игра за номинација



Македонија годинава нема свој кандидат за „Оскар“ за странски филм. Комисијата со членови од Друштвото на филмските професионалци образложи дека ниту еден од „пријавените филмови не ги исполнува естетските и наративните критериуми за да биде македонски кандидат за ’Оскар‘ од неанглиско говорно подрачје“.

Кандидати беа „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар-Митевска и „Златна петорка“ на Горан Тренчовски.

Ова не е прв случај македонски филм да не се обиде да влезе во игра за „Оскарите“. Во 2013 година, исто така, не испративме наш филм зашто комисија одлучила дека филмовите не се адекватни за да бидат номинирани за наградата. Тогашни кандидати беа „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски и „Соба со пијано“ на Игор Иванов-Изи. Ваквите одлуки предизвикуваа незадоволство кај продуцентите што ги работеа проектите.

И во 2011 година не ни одеше лесно да избереме филм. „Панкот не е мртов“ на режисерот Владимир Блажевски со два дена задоцнување стигна до Американската филмска академија, откако претходно мораше да помине низ брдо перипетии.

-Која е нашата стратегија: дали оскаровскиот претставник треба да биде филм кој е локално успешен и кој најблиску ги отсликува локалните тенденции или, пак, претставникот треба да биде филм кој бил на еден фестивал од големата четворка Кан, Берлин, Венеција или Торонто? Јас не го знам одговорот, но едно знам, како земја не смееме да се изолираме од европските и светските трендови бидејќи колку и тие да не ни се допаѓаат на локално ниво, ние сме дел од Европа и од светот и постоиме како дел од и во споредба со истите – вели Стругар-Митевска.


Фото: Оlivier Marceny


Таа го дава примерот со изборот на израелскиот филм „Фокстрот“ за претставник за „Оскар“, на кој „државниот врв строго реагираше зашто филмот не бил политички коректен“.

- „Фокстрот“ е неоспорно најуспешен израелски филм годинава, премиерата му беше на Венецискиот филмски фестивал каде што доби „Златен лав“ и без разлика на поделените мислења, Израелската филмска академија е јасна во својата порака: „Уметноста не е тука да ни се допаѓа или не, туку да предизвикува, да поставува прашања есенцијални за едно општество и култура, храбро да чекори пред јавното мислење и на тој начин истото да го промени. Како земја, важно е да знаеме каде сме и каде сакаме да одиме, односно која е нашата стратегија како земја во однос на интернационална манифестација како доделувањето на „Оскарите“. Понекогаш имам чувство дека, за жал, многу често глумиме демократија, додека воедно самите себе се цензурираме. Значи, не инсистирам дека мораме да имаме претставник како земја секоја година, поентата воопшто не е во тоа, но мораме да бидеме консеквентни и свесни што ни носи овогодишната одлука  – категорична е режисерката.

Продуцентот на „Златна петорка“, Дејан Милошевски, изјави дека писмено реагирале до ДФРМ да ја сменат одлуката зашто нивниот филм ги исполнувал сите услови. Милошевски се надева дека не е доцна да се смени одлуката и ние сепак да имаме кандидат. Според правилата на Академијата, до денес секоја земја треба да ја извести Академијата за изборот на претставник.

-Сè уште се надеваме дека нема да биде доцна и дека Друштвото ќе ја смени одлуката. Ние ги исполнуваме сите критериуми, имаме учества и награди на фестивали, филмот имаше кинодистрибуција. Во спротивно ќе ја известиме Филмската академија за ова и ќе бараме правда – вели Милошевски.

И режисерот Горан Тренчовски вчера бурно реагираше и апелираше и до власта да преземе мерки за промена на одлуката.

- За жал, длабоко сме повредени сите ние што сме на некој начин дел од филмот, вклучувајќи ги и публиката, помагачите на филмот, блиските на петтемина студенти... Овој пат тотално промашиле: процениле дека сме „глупави“, „прости“, „необразовани“, „без никакво CV“, фестивалите и државите каде што настапуваме „не чинат“, селекторите и жиријата исто така, а нашето дело „нема естетски и наративен“ квалитет. Демек, се срамат да ги претставуваме во трката за „Оскарот“. Па зар успехот со „Златна петорка“ не е и нивен исто така?! Или тие овој проект не го сметаат за свој? – прашува Тренчовски.



Филмаџиите велат дека немаме што да изгубиме доколку пратиме филм во трка за „Оскарите“. Најмалку, ни носи промоција во врвни странски медиуми, како што е „Варајети“ или „Синеуропа“, односно се отвора можноста и за други фестивали и меѓународна промоција на филмовите.

И српскиот филмски критичар Владан Петковиќ, член на ФИПРЕСЦИ и дописник на „Синеуропа“, го сподели своето мислење.

-Ги гледав двата филма и можам со целосна сигурност да кажам дека ова образложение нема никаква основа во вистинските квалитети или недостатоци на филмовите. „Кога денот немаше име“ е емотивно впечатлива и формално радикална драма, која имаше премиера во Берлин (за чија селекција можеме да мислиме што сакаме, ама тие секако претставуваат реален критериум за перцепцијата на филмот на меѓународната сцена), додека „Златна петорка“ е конвенционален филм за епохата со силна политичка димензија во врска со која може идеолошки да се расправа, но е дефинитивно доволно компетентно направен за естетските и наративните недостатоци да не можат да се оспоруваат до толкава мера – вели Петковиќ.

Од земјите од регионот годинава сите доставија свој филм, освен Црна Гора, која немала филм. Дека сепак во некоја форма нè има во „натпреварот“ за наградата покажува српскиот филм „Реквием за госпоѓа Ј“, во кој Македонија е копродуцент. Во јануари Академијата ќе ја направи првата селекција за потесен круг.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура