X
 07.08.2021 Живот

Флашираната вода е 1.400 пати полоша за животната средина од водата од чешма

Следниот пат кога ќе посегнете по флаширана вода, запомнете дека предизвикувате еколошка катастрофа која е многу поголема од едноставното полнење вода од чешма.

Излегува дека пиењето флаширана вода има 1.400 пати поголемо влијание врз животната средина од пиењето вода од чешма, стои во истражување објавено минатиот месец. Дополнително, истражувачите од Институтот за глобално здравје во Барселона утврдиле дека трошоците за екстракција на неопходните ресурси за секој во Барселона да пие флаширана вода би биле 3.500 пати повисоки од оние поврзани со пиењето вода од градскиот водовод. Можеби звучи очигледно дека користењето пластични шишиња е полошо за планетата од некористењето, но бројките поврзани со флашираната вода се алармантни.

Студијата е објавена среде сè поголемото користење на флаширана вода во Барселона, покрај неодманешните подобрувања на безбедноста и квалитетот на водата од чешма во областа.

-Здравствените причини не ја оправдуваат масовната употреба на флаширана вода. Да, зборувајќи во потесна смисла, пиењето на вода од чешма е полошо за локалното здравје, но кога ќе ги споредите, придобивките од пиењето флаширана вода се минимални. Прилично е очигледно дека еколошкото влијание на флашираната вода е поголемо во споредба со водата од чешма - истакна Кристина Вилануева, водечки автор на студијата и истражувач во институтот во Барселона.

Според одредени медиуми, само во САД се потребни 17 милиони барели нафта за да се произведат пластични шишиња за една година, па овој проблем очигледно излегува од границите на Барселона.

Извор: Futurism
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот