X
 01.10.2019 Здравје

Дали водата е најздрав пијалак? Откриено е нешто подобро

Кога сте жедни и сакате да ја изгасните жедта, секогаш можете да посегнете по чаша обична вода, но водата не е нужно најдоброто решение кога станува збор за рехидрација на телото, покажало истражување на научници од шкотскиот универзитет „Св. Ендрус“, кои ја споредиле реакцијата на организмот со неколку различни пијалаци.

Истражувачите откриле дека иако водата ја гаси жедта и го рехидрира организмот многу брзо, пијалаците со многу малку шеќер, маснотии и протеини дејствуваат уште поефикасно затоа што го рехидрираат организмот подолг период.

Причината за тоа е начинот на кој нашиот организам реагира на пијалаците, вели Роналд Мауган, професор на Медицинскиот факултет „Св. Ендрус“ и автор на истражувањето. Еден од факторите е количината на консумираниот пијалак. Имено, колку повеќе течности пиете, толку побрзо течностите излегуваат од вашиот желудник и се апсорбираат во крвотокот, кој ги разредува телесните течности и со тоа телото се рехидрира.

voda
Фото: Pixsell


Другиот фактор што влијае врз тоа во колкава мера пијалакот рехидрира е поврзан со хранливата вредност на пијалакот. На пример, откриено е дека млекото поефикасно го рехидрира телото од обичната вода затоа што содржи млечен шеќер (лактоза), протеини и маснотии, а сето тоа придонесува за бавно празнење на желудникот и ја одржува рехидратацијата подолг период.

Млекото содржи и натриум кој дејствува како сунѓер и се врзува за водата во организмот, што резултира со создавање помалку урина.

Истото важи и за течностите за орална рехидратација што се користат при третман на дијареја. Тие содржат мали количини на шеќер, натриум и калиум, кои на ист начин ја задржуваат водата во организмот.

Ова истражување ни кажува многу за тоа што го знаевме и претходно. Електролитите, како натриумот и калиумот, придонесуваат за подобра рехидратација, а калориите од пијалакот придонесуваат за побавно празнење на желудникот, што резултира со помала потреба за мокрење - објасни нутриционистот Мелиса Мајумдар, личен тренер и портпарол на Академијата за исхрана, чии научници не учествувале во истражувањето.

Научниците предупредуваат дека треба да се биде многу внимателен кога станува збор за шеќерите, на пример, овошните сокови или газираните слатки пијалаци.

Ваквите пијалаци не се нужно рехидрирачки поради поголемата количина на шеќери, но и затоа што се задржуваат подолго во однос на обичната вода.

Научниците предупредуваат дека откако овие пијалаци ќе влезат во тенкото црево, високата концентрација на шеќер што ја содржат се разредува за време на физиолошкиот процес познат како осмоза. Тоа значи дека тенкото црево „ја повлекува“ водата од телото за да ги разреди шеќерите што ги имаат овие пијалаци.

Соковите и газираните пијалаци не само што помалку рехидрираат туку и му даваат на организмот дополнителни шеќери и калории што нема да го задоволат како цврстата храна. Ако избирате помеѓу вода или сокови и газирани пијалаци, секогаш одлучете се за вода.

Професорот Моуган потсетува дека алкохолот дејствува како диуретик и неговото консумирање резултира во почесто мокрење. Но, ако треба да изберете помеѓу пиво и жесток алкохол, како што е вискито, подобро напијте се пиво бидејќи на тој начин внесувате повеќе течности во вашето тело.

Кога станува збор за кафето, хидратацијата зависи од количината на кофеин што ја внесувате во телото. На пример, обичното, „долго“ кафе со околу 80 милиграми кофеин дејствува хидрирачки како вода, но консумирањето повеќе од 300 милиграми кофеин или приближно 2 до 4 шолји може да резултира во губење на течностите бидејќи кофеинот има благ и краткорочен диуретичен ефект. Ова може да се избегне со додавање млеко во кафето.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје