Софи Шол не е многу позната, но е легендарна личност од Германија со исклучителна животна приказна. Неодамна беше одбележана стогодишнината од нејзиното раѓање. Таа станала позната кога му се спротивставила на Адолф Хитлер, а за тоа платила со сопствениот живот.
Софи Шол била родена во 1921 г., а нејзиното детство било сигурно и безгрижно. Нејзиниот татко бил градоначалник на мал град во југозападниот дел од земјата, а таа израснала со пет браќа и сестри во лутеранско семејство, во кое христијанските вредности биле важни.
Хитлер владеел со Германија кога таа станала тинејџерка. На почетокот Софи и нејзиниот постар брат Ханс ја поддржувале Националсоцијалистичката партија. Ханс му се придружил на младинското движење за поддршка на Хитлер, а Софи била дел од сестринската организација на движењето.
Нивниот татко бил остар критичар на Хитлер. Братот и сестрата почнале да гледаат на владеењето на Хитлер со критички очи откако го забележале неговиот став кон Евреите. Тие почнале отворено да му се спротивставуваат кога тој ја окупирал Полска.
Фото: Софи Шол/Wikipedia
Софи и Ханс студирале на Универзитетот во Минхен, каде што се дружеле со иста група пријатели. Ханс студирал медицина, а Софи уметност и биологија. Но во тоа време се живеело во диктатура, а Софи и Ханс биле решени да дадат отпор.
Ханс ја основал групата „Бела ружа“ заедно со пријател, а подоцна им се придружиле Софи, студенти и еден професор. Тие печателе и делеле летоци повикувајќи ги граѓаните да му укажат отпор на германскиот режим, осудувајќи го убиството на Евреите и барајќи крај на војната.
- Нема да нè замолчите - гласел еден леток.
- Германското име засекогаш ќе биде извалкано ако германската младина конечно не се крене, истовремено да се одмазди и откупи, да ги собори своите мачители и да пронајде нова духовна Европа - пишувало на шестиот леток, кој бил и последен на групата.
Ханс и Софи делеле летоци на универзитетот на 18 февруари 1943. Не е јасно зошто Софи се качила на последниот кат, кој гледал на отворениот атриум во главната зграда, и фрлила летоци одгоре. Додека летоците паѓале на земјата, домарот ја забележал и ја предал на тајната полиција.
Братот и сестрата биле ислушани и осудени на смрт. Тие одбиле да ги издадат другите членови на групата, но властите секако ги откриле. Сите нивни пријатели биле погубени во следните месеци.
Фото: Софи Шол/Wikipedia
Утрото пред да биде погубена на 21-годишна возраст, Софи изјавила:
- Колку убав, сончев ден, а јас морам да одам. Каква врска има тоа што ќе умрам ако преку нас се разбудат и поттикнат на акција илјадници луѓе.
Овие зборови и нејзината храброст и понатаму се слават во Германија, каде што училишта и улици ги носат имињата на Софи и Ханс Шол.
Извор:
BBC