X
 12.03.2018 Живот

Протест пред Влада: Нападите врз новинарите да престанат




Нападите врз новинарите мора да престанат, виновниците да се казнат. Ова го порачаа денеска новинарите на протест пред Владата. Таму се собраа бидејќи пред неколку дена преседателот на Здружението на новинарите Насер Селмани беше вербално нападнат од висок партиски функционер на коалицискиот партнер во Владата ДУИ, Бекир Асани.
- Нападот кон Насер е напад на сите новинари. Бараме да се обезбеди полициска заштита за колегата бидејќи станува збор за закани од групација и лице која веќе има минат труд врз однос на насилство кон новинари и насилство кон оние кои не се согласуваат со него. Бараме од Обвинителството да постапува кон службена должност затоа што она што се случува сега со Селмани, кој укажа на непочитување на правната држава и селективна правда е нешто што ни се случува на сите нас – рече Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.



Претседателот на ЗНМ, Селмани изјави дека новинарите се тука бидејќи чашата е прелиена. Не сме тука замо заради тоа што некои насилници ми се закануваат на мене, туку затоа што новинарите постојано се изложени на закани и притисоци, рече Селмани.
- Тука сме и затоа што се спроведува цензура во телевизиите, затоа што новинари се влечат по судови бидејќи сликаат јавни личности на јавни места. На Владата која ѝ плаќаме даноци сакам да ѝ порачаме дека не прифаќаме објаснување дека во Владата има добри и лоши дечки, затоа што Владата е на сите. Не прифаќаме во Македонија да има две Влади. Оваа има обврска да ги замолчи насилниците. Не е време Владата да пишува осуди, тоа не е доволно, таа има обврска да ги замолчи насилниците, инаку ќе станат дел од таа приказна –рече Селмани на протестот.



На протестот се појави и Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, кој го осуди нападот врз Селмани. Тој исто така потенцираше дека Владата не е единствената институција која треба да се занимава со случајот и повика тоа да го направи и Обвинителството.
Протестот го организираше Самостојниот синдикат на новинари и медумски работници.

Подготвил: М.А.М.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот