Учениците кои учат на македонски наставен јазик од тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ, заедно со родителите на 1 септември ќе протестираат во Тетово, незадоволни што се уште не е решен проблемот со мизерните услови во кои тие учат.
Веќе неколку години медиумите, учениците и родителите апелираат дека во училните нема елементарни услови за посетување настава. Пред неколку години учениците учеа во старите мизерни згради на Медицинското учичилиште, по што лани ги преселија во зградата на Работничкиот универзитет, каде нема затоплување, има импровизирани училници и руинирани тоалети. Помал дел од учениците, наставата ја следат и во основни училишта. Надлежните секоја година ветуваат дека ќе се изгради нов објект за учениците Македонци.
Учениците Албанци пак учат во реновираната зграда на улилиштето, во која нема место за сите ученици.
Освен родителите, револтирани се и професорите од гимназијата кои предаваат на македонските паралелки. Тие најавија дека во сегашните услови нема да почнат со настава на 1-ви септември. Тетовската градоначалничка Теута Арифи, пред неколку дена изјави дека Општината изготвила дозвола за градба, но инвестициите треба да ги оствари Министерството за образование во соработка со Министерството за транспорт и врски.
Протестниот марш ќе почне 8 часот од дворот на Работничкиот универзитет, а ќе заврши пред зградата на Општина Тетово.