По мозочен удар може да се променат многу работи. Има луѓе што по ударот зборуваат со акцент на странец или веќе не го знаат мајчиниот, туку зборуваат на странски јазик. Како е можно тоа?
Кинеската Лиу Џијау зборува само англиски по мозочниот удар. Оваа жена од кинеската провинција Хунан на прашањето колку години има, поставено на кинески, одговара на англиски и вели „I am 94 years old“. Долго време предавала англиски.
Англичанец по мозочен удар одеднаш зборува само велшки иако 70 години не бил во Велс. Германка одеднаш зборува само на швајцарски германски јазик, иако никогаш не била во Швајцарија. Има и други случаи кога луѓето по мозочен удар одеднаш зборуваат со странски акцент или само на странски јазик.
Ретки примери
Ваквите примери се ретки, но има објаснување за нив, тврди Ања Ловит, која се преселила од Германија во Велика Британија пред 30 години за таму да студира лингвистика и говорна терапија. Таа, исто така, се занимава со случаи на промена на јазикот по мозочен удар.
Горенаведените примери можат да се поделат во две групи. Кога луѓето по мозочен удар зборуваат само на некој странски јазик, тоа е облик на билингвална афазија, или губење, односно нарушување на веќе стекнатите јазични вештини по повреда, а кога се служат со навидум странски акцент, тука станува збор за синдром на странски акцент.
Мозочниот удар претставува престанок на функционирањето на одредени групи мозочни клетки, а се случува кога има недостиг на хранливи материи и/или кислород. Но, овие промени поврзани со јазикот не мора да настапат само во тој случај. Еден американски ученик по повреда на главата на фудбалски натпревар и кратка кома, кога се разбудил, отпрвин зборувал само шпански.
Ловит раскажува и за пример со една Британка која по силна мигрена зборувала со француски акцент и за пациентка која по вакцинирање и еднонеделно боледување зборувала со странски акцент.
Одеднаш странски акцент
Синдромот на странски акцент е мешавина од различни нарушувања и кај секој пациент е различно изразен. Споменатата Британка не имитирала француски акцент. Нејзиниот акцент, изговор, но и граматичките грешки како последица на мозочен удар едноставно звучеле како француски акцент за Британците.
Погодените од овој синдром веќе не можат да изговорат одредени гласови, тешко им е да ги пронајдат соодветните зборови или правилно да ги изговорат. Тогаш обично околината тоа го толкува како странски
акцент.
Странски наместо мајчин јазик
Но, што ако пациентот навистина зборува на сосема друг јазик? Во случај на билингвална афазија, тој друг јазик мора претходно да бил научен, тврди Ловит. Постојат различни форми.
Мнозинството луѓе и понатаму не можат да ги зборуваат сите јазици што ги знаат, при што тие може да бидат различно погодени. Во ретки случаи пациентите со мозочен удар можат да го користат само својот мајчин јазик, но не и странскиот јазик. Некои луѓе можат да зборуваат само на странски јазик, но на почетокот не и на мајчиниот.
Во ретки случаи пациентите денес може да се служат само со еден јазик, а утре само со друг јазик. Притоа, кога некој веќе не може да зборува на одреден јазик, тоа не значи автоматски дека не може и да го разбере.
Нашиот мозок можеме да го претставиме како шкаф во кој стојат различни работи, вели Ловит. Во шкафот има дел за чорапи, како што и во мозокот има дел за јазик.
Мислењето дека странскиот и мајчиниот јазик се наоѓаат во сосема различни делови од мозокот е застарено, додава таа. Но, можете тоа да го замислите како чорапите да се подредени според боја. Една боја значи еден јазик.
Понеделник англиски, вторник германски
Истражувачите веќе подолго време се обидуваат да ги објаснат овие различни нарушувања. Едноставно кажано, по мозочен удар мозокот веќе нема доволно енергија за истовремено и еднакво брзо да ги гради претходните врски. А зависно од тоа какви импулси добива мозокот, може да е полесно да се зборува само на еден јазик.
Ако билингвален човек, како истражувачката Ловит, по мозочен удар заболи од афазија, би можело да се претпостави дека нејзиниот мозок попрво ќе воспостави врска со мајчиниот јазик бидејќи тој е првиот што го научила.
Друга теорија би била дека нејзе ѝ е полесно да дојде до вториот јазик, англискиот, бидејќи во последните 30 години го користела многу повеќе. Но, по мозочниот удар може да се случи и во понеделник одредени слики и мисли да стимулираат англиски јазик, па мозокот тој ден да се задржи на него, а следниот ден да се активира германскиот јазик.
Дали состојбата ќе се поправи?
Во повеќето случаи на двојазична афазија се враќаат двата јазика. По мозочен удар одредени региони од мозокот се мртви, но зависно од староста, мозокот може да користи други делови за да ја преземат задачата на мртвите региони. Најдобро е тоа да се потпомогне со терапија, вели Ловит.
Особено кај синдромот на странски акцент, важно е да се посетат неколкумина специјалисти. Психотерапијата може да биде важна бидејќи со губењето на сопствениот начин на говор често доаѓа и до криза на идентитетот. Сè уште се истражуваат најдобрите видови терапија, но многу е тешко бидејќи случаите се релативно ретки.
Говорното нарушување во староста може да се појавило не само во случај на мозочен удар, туку и при одредени облици на деменција, така што може да бидат погодени изнаоѓањето зборови, граматиката или изговорот.
Разликата е во тоа што во случај на мозочен удар губитокот на почетокот е многу драстичен, а потоа нарушувањето полека се губи. Кај деменцијата состојбата често полека се влошува. Во секој случај, важно е да се посети еден или повеќе специјалисти што се запознаени со темата, посочи Ловит.