X
 07.09.2021 Здравје

Сѐ што треба да знаете за новиот сој на коронавирусот - ми

Светската здравствена организација (СЗО) неодамна почна да следи нов сој на коронавирусот - ми. Овој сој има генски разлики во однос на другите познати соеви и веќе е забележан во повеќе држави низ светот. Можно е генските промени да го прават овој сој полесен за пренесување или тој да предизвикува потешки симптоми, но тоа сè уште не е потврдено.

СЗО го следи пренесувањето на овој сој за да ги уочи разликите со другите соеви. Организацијата во моментов следи уште четири други соеви на коронавирусот за кои не се смета дека полесно се пренесуваат или предизвикуваат потешки симптоми, а истото може да биде случај и со ми.

Каде се шири сојот ми?

Овој сој првпат бил забележан во Колумбија во јануари годинава, а потоа бил потврден во 40 земји. Меѓутоа, досега само 0,1% од сите случаи на коронавирусот се од овој сој. Најмногу е присутен во Колумбија, каде што 39 отсто од случаите се од сојот ми. Меѓутоа, не биле забележани случаи со овој сој во Колумбија во последните 4 недели.


Фото: Pixabay

Сојот го има и во Еквадор, каде што 13 отсто од случаите се од овој сој. Во Чиле речиси 40 отсто од анализираните примероци последниов месец се од овој сој. Во Обединетото Кралство биле забележани 45 случаи со овој сој, но не се анализираат сите позитивни случаи, па бројот може да биде повисок во оваа земја.

Колку е опасен сојот ми?

Ми има мутација која првпат била забележана во алфа-сојот, а можеби го овозможува полесното пренесување. Ова се резултати од истражување кое сè уште не е рецензирано. Ми има и мутации за кои се смета дека му помагаат на вирусот да ги одбегнува антителата, а кои ги има и бета-сојот. Затоа, вакцините можеби би биле помалку ефективни во заштитата од овој сој.


Фото: Pixabay

Сепак, истражување спроведено во лабораторија во Рим покажува дека вакцината на „Фајзер“ била помалку ефективна, но добра заштита против сојот. Истовремено, низ светот имало случаи на вакцинирани лица кои се заразиле со сојот ми.

Што треба да очекуваме?

СЗО треба да направи компаративна анализа на карактеристиките на новиот сој за да спореди како се однесува во однос на другите соеви. Оваа анализа е во тек.

Во меѓувреме, појавата на овој сој потсетува дека вирусот може да мутира секогаш кога се размножува во нечие тело. Шансите за нови мутации се поголеми со зголемувањето на бројот на лица што се заразуваат со коронавирусот.

Извор: The Conversation
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје