X
 07.10.2018 Живот

Десет работни позиции кои во минатото биле популарни, а сега веќе не постојат

Светот се менува многу брзо. Новите технологии воведоа големи промени во бизнис секторот, па некои професии кои пред сто години биле вообичаени и многу популарни, денес веќе не постојат. Не само што не постојат, туку за некои дури и веќе никој не знае дека постоеле.

Ова се некои од професиите кои исчезнале во изминатите сто години.

1. Тропач на прозорци

Оваа професија била многу популарна во Велика Британија и во Ирска. Во некои подрачја постоела дури до 1970-ите години. Луѓето кои го работеле ова, тропале со стап на прозорците за да ги разбудат луѓето. Ако се прашувате кој ги будел тропачите, одговорот е: никој. Тие најчесто спиеле преку ден, а биле будни навечер.

2. Пијанист во кино

Оваа професија била многу популарна во времето на немите филмови, кога покрај сликата на екран била потребна и музика. Музичарите кои биле вработени во кино-салите најчесто импровизирале свирејќи музика согласно со случувањата во филмот.

3. Носач на вода

Оваа професија била вообичаена пред појавувањето на водоснабдувачките системи. Носачите на вода ги снабдувале домаќинствата со вода од блиските извори.

4. Телефонист

Корисниците на телефоните некогаш морале да бидат поврзани рачно, а токму тоа го правеле телефонистите. Во минатото со ова најчесто се занимавале жените, а професијата се сметала за исклучително угледна бидејќи можело да ја работат лица со пријатен глас, достојни манири, добро здравје и мирен карактер. Исто така, многу било важно лицето кое ја работи оваа работа да биде повисоко за да може да го досегне комутаторот. Работата на телефонистот барала прецизност бидејќи во само осум секунди морало да се прими повик и да се пронајде вистинскиот приклучок за спојување со бараното лице.

5. Читач во фабрика

Некогаш во фабриките имало луѓе кои на глас читале весници или книги за да ги забавуваат работниците. Тие луѓе биле платени од пари на работниците. Кога се појавило радиото оваа професија почнала да исчезнува, но сѐ уште има известувања дека и ден-денес има читачи во фабриките за цигари на Куба.

6. Собирач на стари работи

Во 19 и почетокот на 20 век, постоеле луѓе кои купувале остатоци од домаќинствата и ги продавале во фабриките кои ги рециклирале. Собирачите на стари работи кушуваче разни материјали кои се рециклирале за понатамошно производство.

Оваа професија била многу распространета, па во 1884 година во Париз имало дури 50.000 регистрирани собирачи на стари работи. Како што напредувала индустријата, така ова занимање полека исчезнало.

7. Поставувач на кегли

Како што кажува самото име, ова биле лица кои ги поставувале кеглите во кугланите пред автоматизацијата. Значи, кога некој би ги соборил кеглите, задачата на овие луѓе би била повторно да ги постават на своите места. Ова било слабо платена работа која воглавно ја работеле тинејџери и ученици.

8. Човечки калкулатори/компјутери

Пред појавата на првите компјутери постоеле таканаречени човечки компјутери. И иако жените во минатото често биле потценувани, ова е уште еден пример кој покажува дека жените во многу нешта биле подобри од мажите. Имено, и оваа работа претежно ја работеле жени, кои сметајќи учествувале во проектирање, развој на оружјето во текот на Втората светска војна и во програмирање на првите електронски уреди.

9. Собирач на пијавици

Овие луѓе собирале пијавици за медицински цели. Многу често ги користеле своите нозе за да ги привлечат пијавиците. Тоа, за жал, негативно влијаело на нивното здравје.

10. Вклучувач на улични светилки

Со векови уличните светилки морало да се палат, гасат и одржуваат рачно. Тоа го правеле одредени луѓе. Оваа професија била вообичаена и многу популарна, особено во 19 век. Подоцна индустријата го направила своето и светилките почнале да се палат автоматски. Но, оваа професија сѐ уште не е сосема исчезната. Загреб е единствениот град во светот кој сѐ уште има осветлување кое се пали рачно.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот