Од илјадниците луѓе што се сведоци на протестите на „Жолтите елеци“ во Париз, кои се случуваат во последните неколку недели, тројца млади момци имаат сосема различна перспектива. Откако избегале од војната во Сирија, фоторепортерите Абдулмонам Еаса, Самер Ал-Думи и Закарија Абделкафи сега ги покриваат насилствата во француската престолнина. Со насмевка.
Протестите на „Жолтите елеци“ траат веќе неколку недели и се едни од најлошите во Франција во последните неколку децении. Стотици луѓе се уапсени, направена е штета од милиони евра, а има и неколкумина загинати.
- Кога размислував за мојот нов живот во Франција, си замислував мирен живот, одново да си го градам животот додека учам нов јазик, да создавам нови пријателства и да уживам живеејќи во мирна земја. Не мислев дека ќе ми се враќаат сеќавања од воените напади додека сум на Елисејските полиња - вели Абдулмонам.
Фото: AFP
Тој раскажува какви му биле последните два месеца во родната Гута, каде што гледал како му умираат пријатели, го слушал плачот на родителите кои си ги гледале децата во капела, трчал преку улици носејќи детенце чија мајка била убиена во воздушен напад итн.
- На крајот избегав и дојдов во Париз. Го учам јазикот, го откривам градот и се навикнувам на живот без страв од воздушен напад над мојот дом. И продолжувам да правам фотографии затоа што сум фоторепортер и тоа е она што сакам да го правам - вели Сириецот.
Истовремено, Самер вели дека првиот пат кога помирисал солзавец го обзело некое топло и убаво чувство.
- Последниот пат кога го помирисав беше пред речиси осум години, кога започна сириското востание. Велат дека мирисите поттикнуваат моќни спомени и веднаш почнав да се присетувам на тие демонстрации. Тогаш демонстрациите беа мирни, само Сиријци што сакаа повеќе слобода по години диктаторство. Тогаш полицијата само испушташе солзавец кон нас. Тогаш многу пријатели и сакани сè уште беа живи. Тогаш нашите градови не беа бомбардирани до урнатини и условите за живот беа добри. Гледајќи наназад, тоа беа убавите денови. И првиот мирис на солзавец ме наврати на сето тоа - раскажува тој.
Самер додава и дека во Париз полицијата ги пушта во зоната каде што се протестира кога ќе ги покажат официјалните медиумски картички, додека во Сирија, ако имате камера, како што вели фоторепортерот, ве киднапира полицијата.
Фото: AFP
Абдулмонам, пак, бил изненаден од нивото на насилство што го видел од некои демонстранти. Вели дека не го очекувал тоа и мислел дека луѓето во Париз се цивилизирани и дека би демонстрирале учтиво.
- Мислев дека полицијата само ќе стои отстрана и ќе ги гледа луѓето. Не очекував да има задушување со солзавец. Првиот викенд кога го употребија не носев ништо за да се заштитам. Ја носев истата марама што ја носев во текот на последните недели во Сирија. Никогаш во мојот живот не замислував дека ќе видам вакво нешто во Париз. На оваа фотографија, овој човек си го покрива лицето затоа што имаше експлозија на автомобил. Секако дека не може да се спореди со она што го имам видено во Сирија, но никогаш не мислев дека ќе покривам експлозии во центарот на Париз - раскажува фоторепортерот.
Фото: AFP
Сеќавањата од Сирија се разбудиле кога полицијата употребила шок-граната, прелетал хеликоптер, а некој полицаец употребил свирче кое звучело како слетување на проектил.
- Кога ние, Сиријците, почнавме да демонстрираме, само повикувавме на слобода, правда, еднаквост. На почетокот не беше ни за симнување на режимот од власт. И тие веднаш почнаа да нè убиваат - вели Самер.
Тој додава дека ако Сиријците тогаш го правеле она што сега го прават Французите, веројатно веднаш би биле нападнати со хемиско оружје.
- Слушнав еден човек како за време на протестите вика: „Ова е војна!“ Се закикотив кога го слушнав тоа. Можете да замислите како ми звучеше тоа. Ова не е војна. Сфаќам дека има повеќе насилство отколку што се навикнати, но ова не е војна. Не е ни блиску до војна - истакнува Самер.
Закарија објаснува дека во Сирија никогаш не може да се фотографираат демонстрантите и полицијата заедно.
- Тука живеам три години и знам дека дури и со овие демонстрации ништо нема да се случи, како и во Сирија. Ова тука е простор за слобода на изразување. Посакувам и Сирија да беше таква - вели тој.
Фото: AFP
Абдулмонам раскажува и како некои пријатели на шега му велеле да внимава да не загине во Франција, а тој им кажувал дека кога ќе завршат со покривањето на протестот одат во кафуле на пијачка.
- Повеќе пати луѓето нè гледаа чудно затоа што се смеевме. Сигурно мислеле дека сме луди зашто се смеевме и уживавме. Еднаш застанав да испратам фотографии и полицијата фрли три шок-гранати, една беше на само неколку метри од мене, а една зад мене. Само ги погледнав и се засмеав. Морате да сфатите, ние бевме сведоци на ужасни нешта. Наши пријатели гинеа, често пред нашите очи. Наши сакани исчезнаа. Сме виделе толку болка, толку тага. Затоа за нас демонстрациите во Париз, дури и ако луѓето палат автомобили, дури и ако има солзавец, не се опасни. Бидејќи знаеме дека што и да се случи, нема да умреме. Нема да
исчезнеме - вели тој.