X
 07.10.2018 Живот

Спортски празник во Скопје! Булевар „Илинден“ исполнет со позитивна енергија

За само две години Skopje Run 10K успеа да го поттикне трчањето и во овој период од годината. Тоа беше очигледно и од бројот на луѓето кои се појавија на стартот на самата трка. Бројот на учесници беше дупло поголем од минатата година и 1.600 луѓе го исполнија Скопје и бул. Илинден со многу позитивна енергија. Ова е уште еден рекорд за тимот на Виз Ер Скопски маратон, Сојуз на спортови на Скопје, кои секоја година успеваат да се надминат себеси и да остават печат врз здравиот начин на живеење во Македонија.

„Денес бевме сведоци на уште еден спортски празник во Македонија. Одличната организација на трката ги мотивираше илјадници граѓани да излезат и да трчаат ова неделно утро. Skopje Run 10K е нешто уникатно кое годинава ги охрабри луѓето да го негуваат своето здравје, и ја поттикна филантропијата кај сите. Ова е доказ дека начинот на живот се менува и дека успеваме во мисијата да го направиме спортот една од најважните работи во Македонија. Трката е причина да живееме здрав живот и да се забавуваме истовремено. Многу ни е драго што како генерални покровители сме дел од поддршката на Skopje Run 10K“, вели Дарко Каевски, директор на Агенција за млади и спорт на Република Македонија. Тој додаде и дека со начинот на кој се движат работите е очигледно дека трката константно ќе се развива.

„Бројот на учесници и тоа што дојдоа од 22 држави од цел свет на нашата патека, денес го покажува интересот кој го поттикнавме само во втората година. Сите кои трчаат денес се одговорни за овој успех. Skopje Run 10K веќе е дел од календарот на Атлетската федерација на Македонија (АФМ) и Европската Атлетска Асоцијација (ЕАА) и очекуваме догодина, во нејзиното трето издание, да стане дел од Меѓународната асоцијација на маратони и улични трки (АИМС), заедно со Виз Ер Скопски маратон.“, истакна Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопскиот маратон.

„Толку позитивна енергија, насмеани лица, спорт и рекреација не верувам дека може да се видат во октомври. Многу ни е драго што ја носиме ведрината во Скопје и Македонија. Сега учесници од цела држава ќе имаат причина да спортуваат во текот на целата година. Пред некое време го отворивме и пријавувањето на Виз Ер Скопски маратон и се надеваме дека сите кои трчаа денес ќе ги видиме на плоштадот во Скопје.“, рече Гордана Николовска од Сојуз на спортови на Скопје.

Јулијана Гапо, извршен директор на СОС Детско село Македонија порача, „Оваа соработка е духот и темелот за развој на двете наши организации. Ние, кои сме посветени на надградување на клучни човекови доблести, како спортот и грижата за младите, сѐ со цел да го поттикнеме напредокот на општеството, е потребно да работиме заедно. Затоа сметам дека #СекојКилометарЗначи треба да е пример за нашата можна идна соработка.“. Гапо им ги додели благодарниците на Сојуз на спортови на Скопје и Виз Ер Скопски маратон по самата трка.

На Skopje Run 10K во машката категорија прв заврши Дарио Ивановски со 32:04 минути, втор беше Дејан Атанасов со 32:47 минути, трет беше Атанас Анчевски со 33:28 минути. Од женските прва беше Адријана Поп Арсова со 38:28 минути, второто место го зеде Милјана Ристиќ со 39:06 минути и на третото место заврши Биљана Кираџиева со 39:59 минути.





Од штафетната трка најдобри беа NRC - NIKE + RUN CLUB со 40:20 минути, по нив 091RUNCRW & SKIRIS со 45:15 минути и трети завршија H&W-SKOBUL со 45:58 минути.

По трката и на првите три според категорија на возраст од 35 до 44 години, од 45 до 54 години и над 55 години им беа доделени дипломи. Воедно, спонзорите на Skopje Run 10K во лотарија доделија подароци на сите кои беа избрани по случаен пат.

Сите учесници по трката може да ги симнат своите фотографии од http://skopje.run преку специјалната апликација Pic2Go.

Организатор на трката е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски луб Работнички и Атлетската федерација на Македонија. Генерален покровител на Скопје трча 10КМ е Агенција за млади и спорт, а покровител е Град Скопје. Трката е помогната од официјалните партнери и спонзори.
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот