Вкупно 32 часа ќе трае програмерскиот маратон Codefest на кој викендов во Охрид ќе учествуваат стотина студенти по информатика и млади програмери. Натпреварувачите ќе бидат распоредени во 28 групи, во три категории - млади (до 16 години), студенти (од 17 години до мастер-студии) и професионалци (вработени, фриленсери, програмери со неформално образование). Пријавени се учесници од целиот регион. Тие ќе се натпреваруваат во развој на иновативни идеи и прототипи од областа на програмирањето.
Паралелно ќе се одржуваат и практичните мултидисциплинарни работилници – Codefest Workshops. Тие се бесплатни и отворени за пошироката публика. Во рамките на програмата е предвиден и Community Corner, каде што заедницата може да се претстави со сопствен настан или активност.
Codefest се одржува шести пат. Од 2013 година до денес на натпреварот имало 700 учесници од 20 земји, а биле изработени 165 проекти од 52 различни партнери. Манифестацијата е всушност промоција на технологијата, иновациите, стартапите и креативноста на младите. Покрај предавањата од областа на информатичката технологија, и повеќе интерактивни активности, паралелно ќе се одржува и бизнис-експо каде што ќе се претстават повеќе компании и стартапи.
Финалните презентации на тимовите и нивните креации ќе се одржат утре, кога стручно жири ќе ги одбере најдобрите идеи и креации и ќе ги прогласи победниците. За нив има и награди.