Станува збор за најпопуларниот пијалак во светот што дејствува како еликсир за сите оние што наутро не можат да ги отворат очите. Но, дали начинот на кој го консумираме кафето може да ни предизвика непотребна штета?
Пиењето кафе веднаш штом се разбудите значително ги нарушува метаболизмот и контролата на шеќер во крвта, се вели во ново истражување. Истражувањето посочува дека е драстично подобрена способноста на нашите тела да ја разложат храната доколку кафето го испиете по појадокот.
Испитувајќи ги ефектите на лошиот сон и утринското кафе низ низа различни метаболички маркери, научниците од Универзитетот во Бат откриле дека иако една ноќ слаб сон има ограничено влијание врз метаболизмот, пиењето кафе може да има негативно влијание врз контролата на гликоза во крвта.
Со оглед на важноста на одржување на нивото на шеќер во крвта во безбеден опсег за да се намали ризикот од состојби како дијабетес и срцеви заболувања, истражувачите веруваат дека овие резултати може да имаат далекосежни здравствени последици.
Во истражувањето, објавено во „Бритиш журнал оф нутришн“, 29 здрави мажи и жени биле подложени на три различни експерименти преку ноќ по случаен редослед. Во првите две сценарија на учесниците им се давал шеќерен пијалак по будењето - прво од нормален ноќен сон, потоа од слаб ноќен сон во текот на кој биле будни пет минути на секој час.
Во третото сценарио, нивниот сон бил слично нарушен, но научниците им дале силно црно кафе 30 минути пред да го консумираат шеќерниот пијалак.
Биле земени примероци од крвта по пијалакот со гликоза. Резултатите покажаа дека една ноќ нарушен сон не ги влошила реакциите на учесниците на гликозата во крвта во текот на појадокот, во споредба со вообичаеното спиење без прекинување.
Но, силното црно кафе консумирано пред појадокот - нешто што веројатно го прават повеќето луѓе - го зголемило одговорот на гликоза во крвта за околу 50 отсто.
- Знаеме дека повеќето од нас кога ќе се разбудат наутро првото нешто што го прават е пиење кафе - и тоа го правиме интуитивно; колку повеќе сме уморни, толку е посилно кафето - вели Џејмс Бетс, кодиректор на Центарот за исхрана, вежби и метаболизам на Универзитетот во Бат.
- Ова истражување е важно и има далекосежни здравствени последици, бидејќи досега имавме ограничено знаење за тоа што им прави на нашите тела, особено за нашиот метаболизам и контролата на шеќерот во крвта. Едноставно кажано, нашата контрола на шеќерот во крвта е нарушена ако првото нешто со кое нашите тела ќе дојдат во допир е кафето, особено по нарушен сон. Можеби ќе го подобриме ова ако прво јадеме, а подоцна се напиеме кафе. Ова знаење има важни здравствени придобивки за нас - вели тој.
- Постојат многу работи што треба да ги научиме за ефектите на спиењето врз нашиот метаболизам, на пример, колкаво нарушување на спиењето е потребно за да се наруши нашиот метаболизам и кои се некои од подолгорочните последици од ова, и како вежбите би можеле да ни помогнат да се спротивставиме на ова - вели водечкиот истражувач Хари Смит, докторанд на Одделот за здравје на Универзитетот Бат.
Извор:
Independent UK
Фото: Freepik