X
 07.10.2021 Живот

Нова иницијатива за поддршка на социo-емоционалниот развој на децата од предучилишна возраст

УНИЦЕФ, Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје и „Светот на Биби“ покренаа нова иницијатива за поддршка на родителите при развивање вештини за користење активности за социјален и емоционален развој на децата преку игра.Новата иницијатива на УНИЦЕФ и „Светот на Биби“, финансирана од Амбасадата на Обединетото Кралство, опфаќа серија анимирани приказни, сликовници и друг материјал за поддршка на социјалното и емоционалното учење во најраните години од животот. Иницијативата беше претставена вчера на онлајн-работилница каде што родителите можеа да комуницираат со експерти и да добијат практични совети за активности со кои ќе им се помогне на децата да научат како да ги препознаат и да се справат со емоциите.

- Ние, родителите, воспитувачите, но и општеството, треба да бидеме вклучени во социјалниот и емоционалниот развој на децата. Преку интегрирање на мислите, чувствата и однесувањето, може да се остварат овие важни животни задачи - рече Рејчел Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија.



- Во првите години од животот на децата, детскиот мозок се развива со невидена брзина. Овој период нуди единствена можност за обликување на способноста на детето да учи, расте и да формира здрави врски. Секоја интеракција, поврзување и игра, колку и да е мала, може да го стимулира развојот на мозокот кај децата и да го унапреди нивното здравје и благосостојба - рече Артур Ајвазов, заменик-претставник на УНИЦЕФ. Со социјалниот и емоционалниот развој не се подобрува само емоционалната благосостојба на децата, туку и нивната способност да учат, да соработуваат со другите и да развијат основни вештини за формално учење и социјална интеракција во училишните години и понатаму.

Во изминативе три години, УНИЦЕФ и Амбасадата на Обединетото Кралство работеа на воведување сеопфатна програма за социјален и емоционален развој во сите јавни предучилишни установи низ земјата. Програмата не се однесува само на благосостојбата и развојот на децата во предучилишните установи, туку и на нивните наставници.
Искуството на наставниците покажува дека примената на техники и практики за саморегулација, управување со стресот и други стратегии за благосостојба им помогнала да ги моделираат вештините што се обидуваат да ги обликуваат в училница. Исто така, нивното искуство јасно покажува дека играта и раскажувањето приказни им помагаат на децата да ги изразат своите чувства, подобро да се сложуваат, да покажуваат емпатија кон другите во групата, да се грижат повеќе за околината и да се чувствуваат посреќни.
Врз основа на овие позитивни резултати, иницијативата на УНИЦЕФ и „Светот на Биби“ има цел да поддржи повеќе родители и деца, вклучувајќи ги и оние што не посетуваат предучилишно образование, преку забавни едукативни материјали со кои децата и семејствата ќе се ангажираат дома. Целта на материјалите е да ги поттикне родителите да се вклучат и да комуницираат со децата додека ги гледаат новите анимирани приказни со популарните ликови Биби и Боби, а и да разговараат со децата за нивните емоции, да прават заеднички активности за релаксација и да научат начини соодветни за возраста за справување со различни ситуации.

- „Светот на Биби“ изработи осум анимирани приказни во кои се истражуваат различни аспекти на социјалниот и емоционалниот развој кај децата, а ќе се емитуваат на Македонската национална телевизија, почнувајќи од декември 2021, како и дигитална „Книга на емоции“ на македонски и албански јазик. Првата епизода „Дневник на убавите нешта“ премиерно беше прикажана вчера на „Јутјуб“ на македонски - велат до „Светот на Биби“.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот