X
 31.01.2019 Образование

Сѐ повеќе деца посетуваат училиште, но резултатите од учењето се слаби

Треба да се навратиме на тоа дали наставничката професија се вреднува и дали ја добива соодветната поддршка за да имаме висококвалификувани и обучени наставници. Во земјите на ОЕЦД клучна улога за оценувањето и евалуацијата имаат образовните институции и тие треба да имаат ресурси и стручни компетенции, истакна Хана Кичен од Организацијата за економска соработка и развој


Сѐ повеќе деца во Македонија се вклучени во образовниот процес, а резултатите од меѓународните тестирања за постигнувања се лоши. Над половина од децата не ги развиваат основните компетенции што им се потребни за успех во животот по завршувањето на нивното образование, ова е еден од заклучоците од анализата што Министерството за образование и наука, заедно со УНИЦЕФ и со ОЕЦД, ја изработило минатата година. Денеска беше организирана работилница за состојбите во основното и во средното образование со цел да се понудат решенија за реформа на националното оценување, ревидирање на државната матура, како и до попрофесионален и кариерен развој на наставниците. Учествуваа претставници на сите релевантни образовни институции во земјава, како и претставници на меѓународните институции вклучени во истражувањето.


Хана Кичен од ОЕЦД (лево), Арбер Адеми (министер за образование и наука) и Елспет Ериксон (УНИЦЕФ)

Работилницата ја отворија министерот за образование и наука Арбер Адеми и заменик-претставничката на УНИЦЕФ, Елспет Ериксон.
Адеми истакна дека во УНИЦЕФ и ОЕЦД гледа силни и искрени партнери.
- Морам да признам дека нам, како Влада, ни е неопходно да имаме квалитетни, издржани основани анализи врз основа на сугестии и препораки и забелешки да ги креираме нашите политики со цел да создаваме подобро образование.

Претставничката на УНИЦЕФ истакна:
- Сакаме да ја искористиме оваа огромна можност да зборуваме за подобро образование. Во УНИЦЕФ веруваме дека секое дете има право на најдобро можно образование, кое ќе му даде најдобра шанса на детето да го развие својот максимален потенцијал. Секако, тоа почнува со предучилишното образование. Од науката знаеме дека секое дете има најдобри шанси за развој во тој период, оти тогаш се оформуваат 80 проценти од мозокот. Тоа мора да биде придружувано со силно, рамноправно и квалитетно образование за секое дете во секоја година на развој. А тоа може да се постигне преку нашата заедничка соработка - истакна Ериксон.

Хана Кичен од ОЕЦД на презентацијата рече дека нивниот прв заклучок е дека е важно да се постават цели за мерење на напредокот. Оцени дека земјава има добри планови на хартија, но тие треба да се операционализираат.
- Сè поголем број ученици се запишуваат и остануваат во формалното образование, што е позитивен аспект, но присуството на училиште не се одразува во резултатите од учењето. Особено споредено со меѓународните тестирања, гледаме дека сè уште ги нема очекуваните резултати - рече Кичен, спомнувајќи го ПИСА-тестирањето каде што има стагнација во последната деценија.
- Нешто повеќе од 50 проценти на ПИСА-тестирањето во 2015 година не покажале основни компетенции во математика, природни науки и читање - соопшти Кичен.



Клучно е да се јакнат стручните компетенции каде што важна улогата имаат наставниците. Според сите меѓународни истражувања, рече таа, наставата од висок квалитет е најважниот фактор за учењето.
– Треба да се навратиме на тоа дали наставничката професија се вреднува и дали ја добива соодветната поддршка за да имаме висококвалификувани и обучени наставници. Во земјите на ОЕЦД клучна улога за оценувањето и евалуацијата имаат институции како Државниот испитен центар, Бирото за развој на образованието, Државниот просветен инспекторат и тие треба да имаат ресурси и стручни компетенции - истакна Кичен.

Важно е да се развива и одговорност за напредокот во постигнувањата и самите училишта да следат дали работите се одвиваат според планираното.
- Училиштето е местото од каде што ќе се случуваат сите реформи и оттаму треба да произлезат и промените - истакна претставничката од ОЕЦД на презентацијата на препораките и притоа нагласи дека Нацрт-извештајот треба да се гледа како почеток, а не како крај на реформскиот процес.


Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование