X
 07.10.2022 Живот

Трошоците за живот во септември зголемени за 18,7 отсто во споредба со лани

Tрошоците за животот во септември годинава во споредба со септември лани се зголемени за 18,7, а индексот на цените на мало за 14,7 проценти. Во споредба со август годинава, пак, трошоците за живот пораснале за 1,6, а цените на мало забележале пад од 0,1 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Пораст на индексите на трошоците за живот во септември 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај сирењето и урдата за 9,9 %, свежото и разладеното овошје за 6,3 %, млекото за 5,7 %, рибата и морските плодови за 3,5 %, свежиот и разладениот зеленчук освен компирите и другите коренести плодови за 3,1 %, пивото за 2,9 %, лебот и житата за 2,6 %, месото за 2,2 %, виното за 1,6 %, прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,7 %, жестоките пијалаци за 0,6 % и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,2 %.

Намалување на трошоците за живот во септември 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај маслото и маснотиите за 1,1 % и минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,6 %.
Во септември, исто така, намалување на индексот на трошоците на животот има и кај воздухопловниот патнички транспорт за 34,0 %, туристичките аранжмани за 13,2 %, гасот за домаќинствата за 4,4 %, услугите за сместување за 3,8 %, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 2,9 %, електричните апарати за лична хигиена за 1,1 %, игрите, играчките и хобијата за 0,3 % и моторните возила за 0,2 %.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот