Правниот статус на биткоинот и на другите криптовалути значително се разликува од земја до земја, додека во некои земји тој воопшто не е дефиниран или често се менува.
Некои земји поставија ограничувања за тоа како може да се користат криптовалутите, а банките им забранија на своите клиенти да вршат трансакции со криптовалути. Други земји целосно ја забранија употребата на криптовалути со строги казни за сите што вршат крипто-трансакции.
Алжир
Алжир ја забранува употребата на криптовалути по донесувањето на финансискиот закон од 2018 година, со кој беше незаконско купување, продавање, користење или чување виртуелни валути.
Боливија
Во Боливија има целосна забрана за употреба на криптовалути од 2014 г. Боливиската централна банка издаде резолуција со која се забранува употребата на криптовалути.
Кина
Кина ги наметна сите ограничувања на криптовалутите во текот на 2021 година. Кинеските власти постојано ги предупредуваа жителите да се држат настрана од пазарот на дигитални средства и сериозно го ограничија ископувањето криптовалути во земјата, како и размената на криптовалути во Кина и надворешната трговија. Заменик-директорот на Бирото за финансиска заштита на потрошувачите на Народната банка на Кина, Јин Јупинг, ги нарече криптовалутите шпекулативни средства и ги предупреди луѓето да се заштитат. Од друга страна, банката сака да биде една од првите големи централни банки во светот што ќе лансира сопствена дигитална валута (стабилкоин) и на тој начин да може повнимателно да ги следи трансакциите во земјата. Во септември банката целосно ги забрани трансакциите со криптовалути во Кина.
Колумбија
Во Колумбија на финансиските институции не им е дозволено да користат криптовалути. Суперинтенденсија финансиера ги предупреди финансиските институции во 2014 година да не заштитуваат, инвестираат, посредуваат или управуваат со операциите со виртуелни пари.
Египет
Египетскиот Дар ал-Ифта, основното исламско советодавно тело во земјата, издаде религиозен декрет во 2018 година класифицирајќи ги трансакциите со криптовалути како „харам“, нешто што е забрането со исламскиот закон. Иако не се обврзувачки, египетските банкарски закони беа заострени во септември 2020 година за да се спречи тргување или промоција на криптовалути без дозвола на централната банка.
Индонезија
Банката на Индонезија, државна централна банка, издаде регулативи со кои се забранува употребата на криптовалути како средство за плаќање од 1 јануари 2018 година.
Фото: Freepik
Иран
За да се избегне најлошото влијание на економските санкции, Иран наместо да тргува со криптовалути, се фокусираше на ископувањето криптовалути како значаен дел од заработката од извозот. Затоа, државната Централна банка забрани тргување со криптовалути ископани во странство и ја поттикна трговијата со оние што се ископани во земјата. Владата во Техеран го охрабри копањето биткоини во земјата со стимулации.
Околу 4,5 отсто од копањето на криптовалути во светот се одвива во Иран, што би можело да генерира повеќе од 843 милиони евра приход, според аналитичката компанија „Елиптик“. За да го поттикне копањето криптовалути, Иран им понуди на лиценцираните копачи евтина струја, под услов да ѝ продаваат криптовалути на Централната банка.
Нелиценцираното копање во Иран троши повеќе од 2 GW од националната мрежа секој ден, што предизвикува недостиг на електрична енергија во земјата.
Индија
Иако криптовалутата сè уште не е забранета, индиската Влада е сè понерасположена за тоа. Претходно годинава таа размислуваше за криминализирање на поседувањето, издавањето, ископувањето, тргувањето и преносот на крипто-средства. Оттогаш, тој став е омекнат бидејќи пратениците размислуваат за серија нови регулативи за да ги обесхрабрат инвестициите во криптовалути, односно котација и тргување на берзите само со дигитални валути претходно одобрени од Владата.
Ирак
И покрај постојаните напори на властите да ја блокираат нивната употреба, криптовалутите стануваат сè попопуларни во Ирак. Ирачката централна банка беше особено непријателска и во 2017 година издаде соопштение со кое се забранува нивна употреба, која и денес е во сила. На почетокот од 2021 година Министерството за внатрешни работи на Регионалната влада на Курдистан издаде слични упатства за запирање на посредувањето на парите и менувачниците што работат со криптовалути.
Непал
Непалската Растра банка ги прогласи криптовалутите за нелегални во август 2017 година.
Македонија
Македонија е единствената европска земја со официјална забрана за криптовалути.
Русија
Руската Влада ги донесе своите први закони за регулирање на криптовалутите во јули 2020 година, воведувајќи данок на нивното поседување и тргување.
Законот од јануари 2021 година им забранува на руските државни службеници да поседуваат каква било криптовалута. Во јули главниот државен обвинител објави нов предлог-закон кој ќе ѝ овозможи на полицијата да заплени криптовалути за кои се верува дека се незаконски добиени, наведувајќи ја нивната употреба за поткуп.
Турција
Многумина во Турција се свртеа кон криптовалутите бидејќи турската национална валута, лирата, е во постојан пад. Затоа употребата на криптовалути во таа земја е највисока во светот. На 16 април 2021 година Централната банка на Република Турција издаде декрет за забрана на употреба на криптовалути.
Виетнам
Државната банка на Виетнам ги прогласи издавањето, снабдувањето и користењето криптовалути за нелегални и казните се од 5.600 до 7.000 евра, но нема забрана за поседување и размена на криптовалути.
Фото: Freepik