Центарот за природни ресурси и заштита во Западна Суматра соопшти дека нивни научници го пронашле можеби најголемиот цвет од билката рафлесија арнолди, што би бил светски рекорд. Обемот на цветот е 107 сантиметри.
Билката често се нарекува и цвет лешинар поради своите паразитски својства и одбојниот мирис. Овој вид, кој вирее на индонезиските острови Суматра и Борнео, е познат по тоа што ги има едни од најголемите цветови на светот.
На истото место во 2017 година беше пронајдена досегашната најголема рафлесија арнолди.
Оваа билка е паразит без корења и листови и може да преживее само со помош на билката тетрастигма. Одбојниот мирис што го испушта цветот ги привлекува инсектите што го опрашуваат.
Рафлесија арнолди цвета само еднаш годишно, меѓу август и октомври, но нејзиниот живот е со кус век - по само две седмици од процветувањето таа овенува.
Извор: МИА