X
 21.04.2021 Уметност

Уметник направи над 100.000 ливчиња од црешов цвет користејќи само сол

Јапонскиот уметник Мотои Јамамото твори за да ги зачува и негува спомените од најблиските лица што ги загубил. Тој е најпознат по неговите уметнички инсталации направени со сол, кои често имаат форми на лавиринти и други шеми.

Уметникот неодамна имал самостојна изложба во музејот за уметност во градот Сетучи, при што направил над 100.000 ливчиња од црешов цвет користејќи само сол.

Инсталацијата била изложена заедно со други уметнички дела на Јамамото, меѓу кои и дело кое тој го создал кога неговата сестра на млада возраст починала од тумор на мозокот. Јамамото смета дека токму тоа дело е почетокот на неговата кариера како уметник.

- Продолжив да ги создавам моите дела за никогаш да не ги заборавам моите сакани - изјавил тој за „Мај модерн мет“.



Интересен е и изборот на материјал со кој Јамамото ја создава уметноста, а тоа е солта. Во јапонската култура солта се поврзува со чистење уште од древните времиња, а во многу други култури солта се користи во ритуали поврзани со животот и смртта. За Јамамото, солта е прекрасно бела и е малку проѕирна, што му изгледа како да го прима она што тој го чува во неговото срце.

Освен тоа, нестабилноста на инсталациите со сол го потсетуваат дека сите нешта се менуваат и животот е ограничен. На крајот од секоја изложба Јамамото ја враќа солта во морето заедно со посетителите.

Неговата последна инсталација со над 100.000 ливчиња од црешов цвет го покажува крајот на сезоната на цветање и доаѓањето на зеленилото и свежината.


Автор: Арнесија Јанг
Извор: mymodernmet.com
Фото: Принтскрин/Youtube
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Уметност