Најновото достигнување на научниците од Пекинг, „Флекс Рам“, е целосно нов, флексибилен мемориски уред базиран на течен галиум (ГЛМ), за пишување и читање податоци. Оваа течна метална РАМ-меморија е достигнување со кое истражувачите ги надминаа ограничувањата на традиционалните методи на работна меморија.
„Флекс Рам“ може да издржи речиси секаква деформација и користи реверзибилна електрохемиска оксидација за да ја модулира спроводливоста, овозможувајќи да се запишуваат бинарни податоци со низок напон. Овој уникатен процес е аналоген на хиперполаризацијата и деполаризацијата на невроните, обезбедувајќи флексибилност и уникатност при пишувањето нули и единици со низок напон.
„Флекс Рам“ не е флексибилен само во однос на електронските карактеристики. Отпорноста на деформација е импресивна, со издржливост до 100 проценти истегнување, 180 степени свиткување и 360 степени извртување. Дополнително, капките ГЛМ се обложени со растеглив биополимер „екофлекс“, со што се создава стабилен сооднос на отпорност на уредот и се спречува истекување на растворот.
За да ја демонстрира функционалноста на меморијата, истражувачкиот тим кодирал серија букви и бројки во низа од осум „Флекс Рам“ единици за складирање преку софтверско-хардверско поставување. Оваа низа е еквивалентна на еден бајт информации за податоци. Дигиталниот сигнал од компјутерот се претвора во аналоген, со помош на пулсна модулација за прецизно контролирање на оксидацијата и редукцијата на течниот метал. Истражувачите користеле 3Д-печатач за да создадат калап „екофлекс“ и инјектирале капки ГЛМ и раствор од поливинил ацетат хидрогел, одделно во шуплините на калапот. Овој процес го зголемува односот на отпорност на уредот и го спречува истекувањето на растворот.
Овој иновативен мемориски уред, иако е во фаза на прототип, покажува ветувачки карактеристики. РАМ-меморијата од течниот метал ги задржува податоците дури и до 12 часа по исклучувањето на напојувањето. Оваа карактеристика, комбинирана со стабилни перформанси за повеќе од 3.500 работни циклуси, сугерира дека „Флекс Рам“ може да се развие во различни форми на меморија.
Со самото споменување на терминот „течен метал“ во компјутерската индустрија, можеби ќе се сетите на познатиот модел на робот „Т1000“ од филмот „Терминатор 2“, од почетокот на деведесеттите години на 20 век. Сепак, поврзаноста со сценариото на филмот не мора да значи уништување, туку може да биде во прашање технолошки напредок.
Извор: Benchmark
Фото: Pexels