X
 08.03.2021 Наука

Зошто екосистемот на Галапагос е уникатен?

Секој дел од екосистемот на Галапагос е последица на изобилството од морски алги во регионот. Некои животни се хранат со микроскопските алги, а други ги јадат овие помали животни итн.

Многу уникатни видови што може да се најдат само на овој архипелаг, како морските игуани или кормораните што не летаат, на крајот ја добиваат храната од овие алги. А на Галапагос има изобилство од микроскопски алги познати како фитопланктони што живеат во необично студен регион од водата западно од островите.

Многу научници со децении шпекулирале за тоа што го поттикнува овој феномен, а некои заклучиле дека тој е резултат на струја на водата што се судира со островите. Но во ново истражување се објаснува теорија што е поврзана со ветровите.


Фото: Галапагос/Pixabay

Група истражувачи направиле компјутерски модел на циркулацијата на океанот во регионот, фокусирајќи се на ветровите. Анализата на моделот покажала дека студениот дел од океанот е резултат на силно турбулентно мешање на водата предизвикано од ветровите во регионот. Накратко, поради ветровите што дуваат кон север и удираат во водата, се предизвикува мешање на топлата вода на површината со студената вода во океанот и доаѓа до дополнително циркулирање на водата.

Ова е продуктивно за животинскиот свет бидејќи фотопланктоните добиваат повеќе хранливи материи, а тоа овозможува нивно размножување. Размножувањето на другите животни на архипелагот, како пингвините, фоките и други ендемски видови, зависи од разладувањето на водата во регионот.

Извор: weforum.org 
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука