X
 08.03.2023 Живот

„Ајфони“ за работниците, градинки за деца, евтин превоз, бенефиции и поголема заработка - ова е Америка денес

Пазарот на трудот во Америка никогаш не бил толку турбулентен, всушност, многумина не се ни сеќаваат на ваква криза. Во меѓувреме се случи и феномен - на работниците им треба работа, им треба приход, но истовремено масовно ги напуштаат работните места.

Компаниите сега имаат само една главна цел, а тоа не е враќање или создавање профит, туку привлекување работници затоа што ако нема работници, нема да има профит.

Така, авиоиндустријата во Северна Америка деновиве се обидува да привлече работници ветувајќи им дневен престој за деца, поевтин превоз и бесплатни „ајфони“, бидејќи на пазарот за почетни работни места - кои не бараат посебни вештини, таквите работници ги преземаат компании како „Амазон“.

Недостигот на работници што ќе носат куфери или ќе работат во служба за корисници доведе до создавање долги редици и доцнење во испораката на куферите, на средината на летната сезона од минатата година, што го загрози и закрепнувањето на индустријата по ковид-пандемијата.

Исто така, создадена е зголемена иницијатива за привлекување нова работна сила.

- Аеродромите наоѓаат сè повеќе начини да привлечат, задржат и обучуваат работници - вели Томас Ромиг, потпретседател на аеродромската деловна компанија „Ерпортс каунсил интернешнл“ (ACI), наведувајќи ги како пример градинките.

Оваа компанија, чие членство вклучува аеродроми низ светот, подготвува препораки како да се направат попогодни за вработените работните места во објектите што работат 24 часа надвор од градот.

Дел од проблемот за авиоиндустријата е тоа што ниските плати и напорната работа им отежнуваат на аеродромските работници да останат на тие работни места.

Инаку, стапката на невработеност во САД е најниска во последните 53 години, а авиоиндустријата во САД закрепна и порасна во споредба со нивото пред пандемијата. Но, потребна е работна сила за да продолжи да расте.

Од друга страна, „Блумберг“ деновиве пишува дека најпогодени се американските работници со најниски примања - го зголемиле својот удел во американскиот БДП од 42 отсто (од 2013 година) на 44 отсто.

„Блумберг“ наведува дека компаниите сѐ повеќе се соочуваат со недостиг на работна сила, без преседан во модерната економија, и дека сè уште се принудени да ги зголемат платите особено за вработените што работат на послабо платени работни места.

Најновите извештаи за заработка од „Хоум дипот“ и „Волмарт“ го илустрираат феноменот: „Хоум дипот“ објави дека ќе потроши 1 милијарда долари за зголемување на надоместокот за час за работниците, а „Волмарт“ ги зголеми минималната плата и бенефициите.

Извор: Biznis.telegraf.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот